Втора германска државна награда за Билјана Гарванлиева
Прексиноќа во Хановер македонската режисерка за филмот „Девојчето што бере тутун“ ја освои наградата за медиуми, која ја доделува германското Министерство за социјална политика
Сунчица Уневска
Македонската режисерка Билјана Гарванлиева за својот филм „Девојчето што бере тутун“ ја освои наградата „Јулијане Бартел“, која ја доделува германското Министерство за социјална политика. Ова е втора германска државна награда што ја добива Гарванлиева, првата беше „Златна Лола“ за филмот „Девојчето со хармоника“, за своите македонски приказни направени во комплетно германска продукција. Со тоа Гарванлиева е и првиот македонски автор што ги освои овие признанија кои се обезбедени на највисоко државно ниво, првата „Златна Лола“, која ја доделува Владата на Германија за поддршка на млади таленти, а втората „Јулијане Бартел“, награда за медиуми, која по десетти пат ја доделува германското Министерство за социјална политика за неконвенционален, храбар и критички пристап кон темите на нашето време.
Наградата на нашата авторка Билјана Гарванлиева, која живее и работи во Берлин, и беше доделена прексиноќа на телевизијата НДР во Хановер, Германија. Како што не известува самата Гарванлиева, наградата „Јулијане Бартел“ и ја врачила министерката за социјална политика на Германија, Оскан, а која се состои од бронзена скулптура изработена од уметничката Улрике Ендерс и паричен износ во висина од 3.000 евра. Посебноста и големината на оваа награда, како што објаснува Гарванлиева, е во тоа што за добитниците се одлучува само неколку часа пред доделувањето на наградите. Жирито, кое било составено од девет еминентни германски личности, како актери, автори, модератори и новинари, едногласно го избрало филмот на Гарванлиева „Девојчето што бере тутун“ за најдобар во категоријата на докуменатристиката.
Германскиот актер Оливер Момзен многу емотивно ја образложил одлуката на жирито, токму овој филм да ја добие наградата. „Благодарение на речиси невидливата камера, ние како гледачи можеме на исклучително природен начин да се движиме низ планините во Македонија, во прегратките на едно за нас непознато малцинство на јуруците, кои со векови успеале да ја одржат својата традиција, култура и јазик. Истовремено, филмот ни овозможува да доживееме како овој народ успева да преживее во својот архаичен свет, а при тоа во ниеден момент авторката не ни дава упатство или коментар за тоа како треба да мислиме додека го гледаме филмот“, рече Момзен во својот пофалбен говор, нагласувајќи дека токму затоа филмот погодува в срце. Особено интересно е што Момзен додава дека Гарванлиева и нејзиниот тим успеале само за малку да ги задржат да не скокнат во првиот авион и да прелетаат 1.000 км, само за да ја спасат Мумине, која веќе на своите 14 години е ветена и продадена на идниот маж.
Билјана Гарванлиева пак, при примањето на наградата рече дека е пресреќна што конечно добива награда која се однесува лично на неа како авторка и режисерка. „Сите други награди ги земаа моите машки продуценти. Но, јас и мојот тим го направивме овој филм од срце и не е ни чудо што така искрено ги освои срцата на германската публика и на жирито“, додаде Гарванлиева. Што се однесува до пристапот кон темите и судбините на жените што се во нивниот фокус, а на чиј неверојатен свет токму се однесува оваа награда, Гарванлиева изјави дека ова е голема мотивација за нејзиниот понатамошен ангажман како авторка на документарни филмови, да ја скрши клишираната и шовинистичка слика на жената во современиот македонски филм, во кој таа редовно е претставена како лесна жена, како интригантка, домаќинка, сексуална жртва, но никогаш како хероина. Поддршката и признанието дојде на најдобриот можен начин преку оваа награда, со која германското Министерство за социјална политика има за цел да го поттикне различното и рамноправно прикажување на жените во медиумите, во чиј центар на вниманието е комплексниот свет на жените од денешноста, кој е близок на реалноста. |