22.04.2013, 19:03 Збогум, браќа Срби
„Бидејќи од овде нема назад“ пишува на еден од графитите во центарот на српскиот дел на Митровица
Од нашиот известувач Димитар Чулев
Косовска Митровица - „Каде одиш Србијо без – срце“, „Не на законите и уставот на Косово“, „Не сакаме држава Косово“ се само некои од десетиците транспаренти истакнати на големиот народен собир во српскиот дел на поделената Косовска Митровица, на кој неколку илјади граѓани го изразија својот револт од постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина минатиот петок, а парафиран од премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи.
Тоа е „Бриселски сПОРАЗум“, а не договор кој ги заштитува Србите на Косово. Ќе го преживееме и овој „Ден Д“ и овој ултиматум. Во мирна атмосфера, со повремени извици „предавници, предавство“, толпата народ им даде поддршка на организаторите на собирот и на претставниците од четирите српски општини во Северно Косово да го иберат најдоброто за – косовските Срби.
„Србите од Косово и Метохија можат да одберат три правци“, рече Крешимир Пантиќ, заменик на Канцеларијата за Косово и Метохија. „Кон Приштина каде поставивме барикади во 2011 година и кон која не сакаме да одиме. Кон Белград, тоа е најпосакуваниот кој гарантира зачувување на врските на Србите од Косово и Метохија со матичната Србија, но на тој правец барикади поставија НАТО и ЕУ. И конечно, пат кон неизвесност, кој ни останува доколку никој не не' поддржи, но кој е за нас е единствено прифатлив“.
Пантиќ јавно ги повика присутните јасно да кажат дали ќе им го доверат мандатот на своите (косовски) лидери да тргнат во остварување на она што тој го нарече Собрание на Автономната покраина Косово и Метохија или Заедница на српските општини што беше проследено со извици на одобрување, но и навредливи извици на сметка на актуелни политичари во Белград кои беа нарекувани „предавници“.
Од говорницата на која се обратија десетина говорници, беше побарано да не се употребува зборот предавник и да не се навредува никој.
„Предавници на Косово и Метохија, можеме да бидеме само ние и нашите деца, ако го напуштиме овој наш дом… за 14 години покажавме единство и слога која за жал ја нема во Белград“.
Правото да го изберат нивниот пат кон формирање на Заедница на Србите врз основа на Уставот и законите на Србија е „наше право и никој не може да ни го одземе“, беше заеднички став на сите говорници.
„Се' уште немам средено впечатоци за тоа што се случи минатиот петок“, вели Зорица Костиќ, една од присутните на собирот. „Но не ја разбирам политиката на ЕУ и на Запад, да не дозволат поголеми права на Србите овде иако со години ги толерираа паралелните институции и самоволие на Косовските Албанци. Ние го бараме истото“. Зорица вели дека ситуацијата на Северот од Косово не е розова. Најголем проблем се ограничувањата на струја и вода, но е уверена дека набргу ќе стартува изградба на нов водовод за српскиот дел од градот. „Не сум лута на никој, само огорчена“, вели 33-годишната Зорица.
Собирот започна точно на пладне како протест против минатонеделниот „помирувачки дил“ меѓу Дачиќ и Тачи спонзориран од шефицата на дипломатијата на ЕУ, Кетрин Ештон, а беше темпиран да се одржи во исто време со седницата на српската влада на која договорот требаше да добие зелено светло. Веќе во среда или четврток, за договорот од Брисел кој е поздравен од меѓународната заедница како почеток на конечно решавање на „косовското прашање“, ќе се изјасни и српскиот парламент. Митинг против договореното во Брисел, вчера во Белград одржаа и приврзаниците на Војислав Коштуница.
Немаше никаква напната атмосфера на двата брега на Ибар вчера во Косовска Митровица. Преминот преку реката која го дели етнички поделениот град е надгледуван од италијански карабинери и претставници на косовската полиција, но новинарите и обичните граѓани слободно минуваат низ двата пешачки премини. Повеќе од една година на српската, условно речено, страна, на половина од мостот стои куп земја и градежен отпад со што комуникацијата за возила е прекината.
Северно Косово е неофицијално име за регионот во Косово каде има четири општини со мнозинско српско население. За разлика од српските енклави јужно од реката Ибар, кои се оградени од територии кои се населени од Албанци, Северно Косово, односно општините Косовска митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, имаат географска блискост со Република Србија. Површината на овој дел во кој живеее дел од преостанатите 200 илјади Срби на Косово изнесува 11 отсто од територијата на Република Косово прогласена 2009 година.
Пред и по собирот во „албанскиот дел“ од градот кој забрзано се гради и обновува, никој не се ни обиде да одговори на нашите прашања што мислат за последните случувања. Обичните граѓани со кои се обидовме да комуницираа едноставно се апатични и незаинтересирани.
Косовското собрание во неделата со огромно мнозинство му даде одобрување на Хашим Тачи кој ги информираше за Бриселскиот договор. Официјално само претставници на движењето Самоопределување се спротивставија на договорот кој во Приштина се третира како документ кој го отвора патот за целосно признавање на Косово и од страна на ОН.
На српска страна се дебатира а првиот потпретседател на српската страна Александар Вучиќ, не ја отфрли можноста, доколку е потребно да се организира референдум околу конечниот став на Белград кон Косово. Според премиерот, со договорот е „извлечено максимумот“, а Србите во КиМ ќе имаат контрола врз полицијата и судовите се разбира во рамките на Уставот на Косово. Деновиве, најупотребувана порака е онаа дека со договорот нема да се дозволи „албанска чизма да стапне на Северот од Косово“.
Драган Ковaчевиќ, еден од присутните на митингот вчера беше разочаран. „Имам впечаток дека Белград одново е измамен. И дека овој пат попушти на ултиматумот“. Тој, како што ни рече, ги споделува мислењата на оние политичари и интелектуалци кои сметаат дека „она малку што остана од српскиот дел од Косово“ е жртвувано за датум. Уверен е дека и сонародниците „од таа страна на границата, во најголем дел, нема да го прифатат договорот“.
„Но, тоа е тоа“, вели Ковачевиќ. „Ако никој не ни помогне, сами ќе се организираме“...
Еден час по протестниот собир, животот во Северниот дел од Митровица се врати во нормала. Затворените дуќани, пошти, трафики, кафеани, јавни институции за време на митингот, ги отворија вратите...
МНР: Визионерска одлука на Дачиќ и Тачи
Министерството за надворешни работи на Македонија го поздрави прифаќањето на „Првичната спогодба за начелата за нормализирање на односите“ од страна на Белград и Приштина, уверено дека тоа не само што отвора ново поглавје во односите меѓу двата народа туку претставува и силен импулс за затворање на отворените прашања во регионот.
„Во овие рамки, ги поздравуваме визионерските одлуки на премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, како и посветеноста на меѓународната заедница, особено високиот претставник на ЕУ, Кетрин Ештон, кои покажаа дека до решенија може да се стигне само со меѓусебен дијалог, почитување на европските вредности и заемно разбирање“, се вели во соопштението од МНР.
Во врска со ова, министерот Никола Попоски изјави дека и македонски интерес е сите во соседството да напредуваат во интеграциските процеси. „Прифаќањето на спогодбата меѓу Србија и Косово ги охрабрува сите оние кои работат за постабилен и просперитетен Балкан. Македонски интерес е сите во соседството да напредуваат во интеграциските процеси. Ова е навистина момент за поздравување“, вели Попоски. (МИА)
Европски пофалби за Србија
ЛУКСЕМБУРГ/БЕЛГРАД – Европската комисија вчера на состанокот на шефовите на европската дипломатија во Луксембург препорача отворање на преговори за членство на Србија во Европската унија. Веста прв ја објави ЕУ комесарот за проширување Штефан Филе, на својот налог на „Твитер“. Во извештајот, кој вчера беше обелоденет, се наведува дека Србија презела многу значајни чекори кон видливо и одржливо подобрување на односите со Косово во согласност со заклучоците на Советот од декември 2012 година.
Србија презеде значајни чекори кон видливо и одржливо унапредување на односите со Косово, во согласност со заклучоците на Советот од декември 2012 година. Србија активно и конструктивно учествуваше во дијалогот со Приштина под покровителство на ЕУ и влезе во преговори околу многубројни прашања неопходни за постигнување видливо и одржливо унапредување на односите со Косово, истакнато е во заклучокот на Советот на министри во ЕУ.
Дијалогот меѓу Белград и Приштина, по изборите во Србија, е подигнат на високо политичко ниво со посредство на високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон. Премиерите на Србија и Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи, од октомври минатата година до крајот на април се состанаа десет пати.
Министрите на ЕУ констатираа во заклучоците дека спогодбата за интегрирани премини се применува на сите шест премини, како и тоа дека од декември минатата година е имплементирана спогодбата за заштита на верското и културно наследство. Исто така, и двете страни ја применуваат спогодбата за царински печати, а забележан е и напредок по повод спогодбата за матичните книги, чија имплементација треба да биде завршена во јануари 2014 година.
Белград и Приштина, како што е наведено, се согласија околу наплатата на царината и формирање на Фонд за развој на северниот дел на Косово. Врз основа на овие заклучоци, Европската комисија утврди дека Србија ги исполни главните услови и постави видливи и одржливи односи со Косово. Србија, исто така, презеде спроведување реформи во клучни области на владеење на правото – правосудството и борбата против корупцијата, независните институции, медиумските слободи, борбата против дискриминацијата, заштита на малцинствата и деловното опкружување.
Одлуката за доделување датум за Србија треба формално да ја потврдат шефовите на држави и влади членки на ЕУ кои на 28 јуни ќе се соберат на самит во Брисел. „Доколку нема некои изненадувања, Србија веќе оваа година ќе ги почне преговорите“, изјави за Танјуг висок дипломатски извор од една членка на ЕУ.
Претходно беше одржана седница на владата која беше затворена за јавноста, и на која е прифатена спогодбата која на 19 април ја парафираа српскиот и косовскиот премиер Ивица Дачиќ и Хашим Тачи. Веднаш по таа седница, Дачиќ телефонски ја информираше високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, дека владата на Србија ја прифати спогодбата за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. По владата, спогодбата би требало да „помине“ и во Собранието на Србија. Таа седница се очекува да се одржи в среда или четврток. (Според агенциите)
|