Грабулоски го отвора натпреварот во Минск
Противник утрово ќе му биде дебитантот Василевски, а по нив ќе играат Магдинчев и Игнатик
Роберт Димитриевски
Првпат откако во 2001 година заигра за тениската репрезентација на Македонија, Димитар Грабулоски ќе отвори натпревар од Дејвис купот, во случајов со Белорусија во Минск за опстанок во Првата група од Евроафриканската зона на Дејвис купот. Противник на Грабулоски (1027. на АТП-листата во сингл) во мечот закажан за утрово во 9 ч. ќе му биде дебитантот во белорускиот тим Андреј Василевски (1237.). По нив ќе се сретнат првите рекети во двата состава Владимир Игнатик (566.) и Лазар Магдинчев.
Грабулоски и Магдинчев ќе играат и во утрешниот меч во двојки, а на спротивната страна ќе бидат 19. на дубл-листата на АТП, Максим Мирњи, и уште еден дебитант во домашната селекција Александар Бури. Натпреварот в недела треба да го затворат дуелите Игнатик - Грабулоски и Василевски - Магдинчев.
Ваквиот епилог на вчерашната ждрепка за двојките и за распоредот на мечевите покажува дека белорускиот селектор Владимир Волчков на големо тактизира и оти е можно уште некое изненадување од него во текот на натпреварот во Минск. Тој веќе изненади со изоставувањето на Андреј Караченија (653.) и на Сергеј Бетов (780.), кои играа во април против Јужна Африка во Јоханесбург, од која и Белорусите, како и македонските тенисери, беа поразени со 5:0. Вториот „трик“ на Волчков беше пријавувањето на 17-годишниот Павел Филин (1638.), кого непосредно пред ждрепката го замени со Василевски.
Мало изненадување, но само за неупатените, е и одлуката на македонскиот капитен Дејан Маринковиќ да го остави на клупата највисокорангираниот во составот Илија Мартиноски (928.). Прилепчанецот подолго време е надвор од форма, а од друга страна на Грабулоски му лежи тврдата подлога, плус тоа е и левучар со добар сервис.
И Волчков и Маринковиќ имаат право на промена на пријавените играчи еден час пред одигрување на секој меч, освен за денешните двојки.
Андреј Василевски (18) е еден од подобрите јуниори во светот. Неодамна настапи на јуниорскиот Вимблдон, каде што во поединечна конкуренција стигна до третото коло, а во двојки заедно со Александрос Георгудас од Германија беа елиминирани во полуфиналето. Претходно се појави и на јуниорскиот Ролан Гарос, каде што загуби во стартот Василевски се одликува со сервис-волеј игра што се очекува да ја практикува и на тврдата подлога во Минск. Интересно е дека Томислав Јотовски неодамна го победи на еден од фјучерсите во Србија.
Владимир Игнатик за четири дена ќе наполни 19 години и во Дејвис купот има само една победа и три пораза. Тврдите подлоги повеќе му лежат, но неодамна освои фјучерс на земја во Полска.
За легендарниот Макс Мирњи (32) доволно зборува тоа што до пред две години беше најдобар дубл-играч во светот, а во сингл во 2004 дотурка до 18. позиција. Познат по прекарот „ѕвер“, тој, сепак, веќе две години не игра поединечно, но е активен во двојки, каде што заедно со Енди Рам од Израел стигнаа до осминафиналето на Вимблдон. Александар Бури (21), кој треба да му биде партнер во двојки, во таа конкуренција е 923.
Победникот од натпреварот Белорусија - Македонија и в година ќе игра во Првата група, а поразениот последната шанса за опстанок ќе ја бара во септември против Словачка. |