Срамен пораз на јуниорките од Холандија ЕП во Охрид
По поразот од Израел во првото коло од групата Б на ЕП во Охрид македонските кошаркарки до 20 години доживеаја дебакл од Холандија. Срамен пораз од 48 разлика - 84:36!
Првата четвртина во која загубивме со прифатливи три разлика 18:15 даде лажна слика и надеж дека оваа селекција може да се носи со пореномираните од себе. Следуваше првата освестувачка шлаканица во втората четвртина која ја загубивме со 23:8, а потоа следуваа уште две жестоки 20:5 и пак 23:8. Или во превод, за цели 30 минути реализиравме само 21 кош!
Не дека младите кошаркарки не се трудеа, но за победа во вакви натпревари потребно е поголемо знаење. По повредата на Тантуровска во првиот натпревар се виде дека Јелена Антиќ ќе ја нема потребната поддршка во нападот. Таа пак отскокна од другите постигнувајќи 11. од 15 коша во првата четвртина, а вкупно реализира 23 од комплетните македонски 36!.
Пред крајот на вториот период останавме и без Метришановиќ, која го повреди скочниот зглоб. По тој малер продолживме да правиме многу грешки во нападот, немавме ниту скок во одбраната по промашените шутеви на Холанѓанките. Особено беше мизерно второто полувреме, кое не дава простор дека може нешто да се поправи пред вечерашниот меч со Романија, кој, пак, загуби од Словачка минимално 72:73.
Табела група Б: Словачка 3/0, Холандија 1/2, Романија 1/1, Израел 1/1, Македонија 0/2
Македонија - Холандија 36:84
По четвртини: 18:15, 23:8, 20:5, 23:8. Сала: „Билјанини Извори“, гледачи: 500, судии: Аргиру (Грција), Колотишчиков (Русија), Анзуловиќ (Хрватска).
Македонија: Василевска 2, Јаневска 4, Иванова 0, Тантуровска 0, Антиќ 23, Догазанска 0, Митришановиќ 3, Божиновска 0, Крстаноска 1, Хоџа 1, Рајчиноска 2, Решкоска 0.
Холандија: Белд 8, Тен Кат 5, Ван дер Хоек 7, Дондерс 1, Фиса 2, Куијт 0, Ван дел Адел 19, Клеин 3, Крак 13, Де Вреде 1, Де Рос 23, Ван дер Нувендајк 2. |