Еднодневна посета на Обама претставува спој на неговата визија за иднината и одѕивите од минатото
АКРА – Американскиот претседател Барак Обама ја заврши својата прва историска посета на Африка, со порака до Африканците дека треба да ја искористат шансата за мир и благосостојба.
Претседателот Обама во саботата замина во посета на често проблематичниот континент од каде што потекнува неговиот татко, каде што тој ја симболизира новата политичка ера, но донесе порака за потврда на љубов: на американската помош мора да и' се одговори со одговорноста на Африка за сопствените проблеми. „Мора да почнеме од едноставни претпоставки дека иднинaта на Африка зависи од Африканците“, изјави Обама во обраќањето што беше пренесувано на малите екрани низ целиот континент. За сите нивни претходни гревови тој додаде: „Западот не е одговорен за деструкцијата на економијата на Зимбабве во последнава деценија или за војните во кои деца се регрутираат како војници“. За да се изгради просперитетна иднина, додаде тој, Африка мора да ја совлада корупцијата и тиранијата и да се зафати со решавање на сиромаштијата и болестите. „Овие нешта можат да се направат само ако вие ја преземете одговорноста за својата иднина“, изјави тој пред парламентот во Акра, главен град на Гана. „Тоа нема да биде лесно. Ќе биде потребно време и многу напори. Ќе има болки и неуспеси. Меѓутоа, може да ви го ветам следново: Америка ќе биде со вас на секој чекор на патот, како партнер, како пријател“.
Посетата на првиот афроамерикански претседател, син на кениски сточар, ја наелектризира оваа мала крајбрежна држава и поголемиот дел од регионот. Илјадници луѓе излегоа на улиците, ги зафатија покривите, балконите, околните дрвја, излегоа на прозорците, дури и поставија скелиња за да успеат да ја видат колоната автомобили на претседателот. Неговото лице беше насекаде, од билборди до маички и фустани. Неговото име и темата на кампањата станаа рефрени во песните што се пееја во негова чест. Еднодневната посета на Обама претставува спој на неговата визија за иднината и одѕивите од минатото. Тој застана пред „вратата“ од каде што нема враќање во замокот Кејп Коуст, злогласно пристаниште за робови, издигнато над морето и изложено на ветар, каде што луѓето кои изгледале како него порано ги чувале во зандани се' додека оковани не ги пренеселе до бродовите што ги чекале. Тој со себе ги донесе и сопругата Мишел, потомок на роб, и нивните ќерки Малија и Саша.
Обама, кој ретко ги покажува емоциите, изгледаше особено воздржан. Тој наведе дека замокот го потсетувал на концентрациониот логор „Бухенвалд“ и го нагласи постоењето на „чисто зло“ во светот. „Очигледно тоа е трогателно искуство, трогателен момент“, рече тој. „Без разлика колку и да е болно, мислам дека помага да не' научи сите нас оти мораме да направиме се' што е во наша моќ да се бор��ме против разните видови зла кои, за жал, се' уште постојат на овој свет“. Едно зло со кое тој реши да се бори е опасната комбинација на користољубивост, глад и војна, што ја држат Африка во сиромаштија. Тој испрати искрена порака, која упатена од неговите претходници можеби не била примена на ист начин. Наместо тоа, таа беше испорачана од помошниците како „сурова вистина од внимателен роднина“. “Ниту една земја не може да создаде благосостојба ако нејзините лидери ја експлоатираат економијата за да се збогатат, или полицијата може да се купи од трговците со дрога“, изјави тој. Обама додаде: „На Африка не и' се потребни моќници. Неа и' се потребни силни институции“. Како и во Каиро, тој го искористи сопствениот бекграунд за да го омекне строгиот стил на изразување.
„На крајот на краиштата, во мене тече африканска крв, и минатото на моето семејство ги вклучува и трагедиите и триумфите од поголемата африканска историја. Некои од вас знаат дека мојот дедо беше готвач за Британците во Кенија, и поради тоа тој беше почитуван старешина во неговото село, неговите работодавци го нарекуваа момче во поголемиот дел од животот“, рече американскиот претседател.
Првата посета на Обама на Супсахарска Африка како претседател беше четврта посета на континентот. Кога првпат дојде како студент имаше нешто повеќе од ранец и билет за воз. Во петокот тој пристигна со претседателскиот авион. Меѓутоа, врските на Обама со Африка речиси не одат подалеку од неговата биографија. Тој го видел својот татко само еднаш како дете, и поголемиот дел од животот покрај себе ги имал мајка му, која е од бела раса, и баба му и дедо му. Тој, за рамнотежата околу своето воспитување од луѓе од две раси, вели дека ниту е производ на афроамериканската култура ниту, пак, е домороден син на Африка.
И покрај тоа што Белата куќа се обиде неговата посета да ја направи што е можно подискрена, сепак, беше невозможно да се избегне возбуденоста за време на појадокот со високите официјални лица, на кој Обама дојде во придружба на претседателот Џон Ата Милс, додека реге-уметникот Благ Раста потпевнуваше во заднина: „Барак, Барак, Барак Обама“. Најавувачот продолжи со смирени коментари. „Првиот Црнец, претседател на САД!“, рече тој. „Африка се среќава со еден од своите славни синови, Барак Обама“. Пред говорот во парламентот, законодавците го извикуваа слоганот од неговата кампања: „Да, ние можеме! Да, ние можеме!“. Потоа, претседателот Ата Милс го претстави Обама како одамна изгубен роднина. „Вие сте добредојден. Вие сте добредојден“, изјави претседателот на Гана. „Вие дојдовте дома“.
Обама малку кажа што Америка ќе направи за Африка, но наместо тоа се фокусираше на она што Африка треба да направи за себе. Тој упати апел до луѓето од континентот на неговиот татко да изградат општество што тој никогаш не го видел, просперитетно, демократско, чесно и здраво. „Вие можете тоа да го направите“, рече тој. „Да, вие можете. Поради овој момент, историјата се создава“. („Њујорк тајмс“)