Скотланд јард нема ја продолжи истрагата што ја покрена „Гардијан“
Полицијата вели дека нема нови докази за случајот што пред две и пол години еднаш веќе беше испитуван
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Лондонски „Гардијан“ потроши седум страници за темата околу „прислушкувањето“, што ја отвори ден претходно, но Скотланд јард соопшти дека нема да продолжи со истрагата околу сомневањето на оваа редакција за тоа дека дури 30 новинари на најтиражниот британски неделник „Њјуз оф д ворлд“, изнајмувале приватни детективи за да ги „ловат“ пораките и говорната пошта од мобилните телефони на повеќе од илјада познати личности од светот на политиката, забавата, јавниот живот и спортот. Објаснувањето на полицијата е дека нема нови докази за случајот кој пред 2,5 години еднаш веќе беше испитуван и за нив е завршен.
Случајот изби во овдешната јавност кога „Гардијан“ ја обвини редакцијата на едно од британските изданија на новинската компанија „Њјуз интернешнел“ дека неговите новинари и од нив ангажираните соработници, прислушкувале илјадници луѓе за да дојде до информации и приказни за пишување, како и тоа дека неговиот сопственик Руперт Мардок дозволил исплата на повеќе од милион фунти за спогодување надвор од судот со „прислушкуваните“ луѓе, за да не дојде до судење. Заменик-комесарот на Скотланд јард, Џон Јеитс, кому му беше доверено да ги испита наодите на „Гардијан“, меѓутоа, вели дека сегашната новинска сторија, всушност, е дел од случајот за дејствувањето на поранешниот новинар на „Њуз оф д ворлд“, Енди Гудман, и на приватниот детектив, Глен Малкеир, кои беа обвинети за „пресретнување“ на пораките на тројца членови од персоналот ангажиран кај британското кралско семејство, а особено кај принцот Чарлс. Овие двајца беа уапсени есента 2006 година и на почетокот на 2007 година осудени на четири, односно на шест месеци затвор. Според полицискиот комесар Јеитс, тогаш се појавиле и имињата на дел од луѓето што „Гардијан“ сега ги посочува дека биле „жртви“ на прислушкувањата, но вели оти за сите нив полициската истрага не нашла доволно докази за да бидат уште тогаш посочени.
Полицијата затоа се насочила само на испитување на случајот на новинарот Гудман, кој во нејзината истрага е единствен новинар што бил осомничен и го завршила испитувањето, не откривајќи дека имало други новинари кои се занимавале со „нечесно и недозволено“ пресретнување на пораките од мобилните телефони на многу луѓе од британскиот јавен живот. Истрага од полицијата (засега единствена) побара поранешниот заменик-премиер Џон Прескот, чие име беше посочено меѓу „прислушкуваните“. Скотланд јард тврди дека Прескот навистина бил меѓу имињата откриени во бележниците на Гудман и на детективот Малкеир, но дека полицајците не нашла докази оти редакцијата навистина ги „читала“ пораките од вториот човек во владата на тогашниот преми��р Тони Блер.
Британското јавно обвинителство кое пред две и пол години, врз основа на наодите на полицијата, подигна обвинување за Гудман и за приватниот детектив Малкеир, во посебно соопштение рече оти одново ќе ги преразгледа сите стари наоди што се на располагање, објаснувајќи дека обвинителство, сепак, еднаш веќе се изјаснило за целиот случај. Останува, значи, да се види што може во вакви услови, без нова полициска истрага, да направи обвинителството. Политиката, меѓутоа, веќе е навлезена во приказната на „Гардијан“, па парламентарната комисија за култура и медиуми потврди дека нејзината истрага ќе продолжи и натаму. Таа пред две и пол години расправаше за „аферата Гудман“, но претставник на комисијата изјави дека пратениците повторно сакаат да ги повикаат уредниците на „Њјуз оф д ворлд“ за да утврдат дали осудениот Гудман дејствувал сам, како што тогаш објаснуваше неговата редакција, или „ловењето“ на СМС-пораките на познати луѓе била и е практика на „Њјуз оф д ворлд“, како што тврди и обвинува „Гардијан“.
Британските лабуристите и либералдемократите кои на пишувањето на пролабуристичкиот „Гардијан“ му дадоа големо (политичко) значење, не го кријат своето разочарување од решението на Скотланд јард, па решија и натаму да инсистираат поранешниот главен уредник на „Њјуз оф д ворлд“, Енди Коулсон, кој пред две и пол години ја напушти функцијата по „аферата Гудман“, а кој сега е советник за комуникации на лидерот на опозиционите ториевци, Дејвид Камерон, да поднесе оставка, или да биде сменет. Таквата ситуација му нанесува штета на настојувањето, ако навистина било искрено, за расчистување на состојбите во медиумите и во политиката, а особено во односите меѓу новинарството и политиката. Се' посилен е впечатокот дека барањето за казнување на Коулсон била главна цел на „Гардијан“, заедно со желбата да му се наштети (или да му се врати) на Камерон за ударите што со помош на „неговите“ медиуми им ги нанесе на лабуристите и особено на Гордон Браун, како и да се дискредитираат Руперт Мардок и неговата медиумска империја во Велика Британија. |