Дали избувнуваат војни кога светот е на летен одмор?
Големите настани се случуваат најчесто кога сите одат на плажа: жртва од ланската војната во Грузија
ЛОНДОН - Финансиските менаџери, дипломатите и политичарите, кои заминуваат на долг летен одмор, треба да внимаваат: ако историјата е некаков водич, големите настани од војни до судири се случуваат, вознемирувачки, најчесто кога сите одат на плажа.
Минатото лето, августовската „сезона на будалштини“ беше прекината од неочекуваната војна меѓу Русија и Грузија. Претходната година се случија првите бранувања од хипотекарната криза и кредитното паѓање, додека јули 2006 година ја донесе Израелско-либанската војна. Азиската финансиска криза почна во јули 1997 година - делумно предизвикувајќи ја кризата со руската рубља во август 1998 година. Ирак го нападна Кувајт во август 1990 година, а советските конзервативни сили го соборија претседателот Михаил Горбачов, кој беше на одмор, во август 1991 година. Уште поназад, Првата светска војна избувна во август 1914 година, а Втората светска војна на почетокот на септември 1939 година.
Дали тоа значи дека летото во северната хемисфера има посебна наклонетост за „црни лебеди“ - неочекувани, многу влијателни настани, кои можат да го превртат светот преку ноќ?
„Тезата дека тие работи - војни, финансиски кризи и друго - се случуваат в лето е интересна, но тешка за докажување“, вели Сем Вилкин, постар консултант во „Оксфорд аналитика“. „Стандардното објаснување секогаш било дека луѓето се далеку од нивните бироа, и со се' се справуваат луѓето од вториот тим“. Според таа теорија, клучните донесувачи на одлуки, кои вообичаено би забележале криза во развој и би дејствувале за да се справат со неа, можеби нема да бидат таму во клучниот момент, а со тоа нема ниту да преземат мерки и ќе овозможат настаните да излезат од контрола.
Тоа би можело да помогне во објаснувањето зошто летото 2007 година британската банка Нортен рок се најде во големи проблеми, откако пресушија кредитните пазари, предизвикувајќи се' поголема криза, што доведе до навалица во банката и нејзина национализација во септември.
Понекогаш актерите можеби го искористуваат фактот дека светот гледа на поинаков начин. Кој и да се обвинува за почетокот на Грузиската војна во 2008 година, фактот дека таа започна кога светот беше фокусиран на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Пекинг, се чинеше повеќе од коинциденција.
Командантите преферираат мобилизирање и борби во текот на летото, често пати надевајќи се дека ќе можат да ги исполнат целите додека не настапи зимата, и оти војната навистина би била завршена „до Божик“. „Генерално, постои воена предност кога кампањата започнува в лето“, вели Ричард Винен, професор по европска историја на Кралскиот колеџ во Лондон. „Како и 1914 и 1939 година, инвазијата на Советскиот Сојуз - реалниот почеток на Втората светска војна, започна во јуни 1941 година од истите причини“.
За финансиските пазари постои веродостојно објаснување за летните кризи - или барем зошто тие имаат толку длабоко влијание. Во услови кога многу фактори на пазарот се отсутни, трговијата вообичаено е полесна, но нестабилноста е многу поголема. „Доколку сте финансиски менаџер треба да заземете многу поодбранбен став во текот на летото, особено ако сте отсутни извесно време - и секако повеќе ако бидете отсутни уште еднаш во текот на годината“, вели Михаел Ганск, шеф за истражување на пазарите во развој од Комерц банк. „Какви било движења на пазарот ќе имаат поголемо влијание“.
Оваа година би можело да има особено ризично лето. Пазарите се напнати по турбуленциите во претходната година, а политиката е понесигурна поради зголемената невработеност и економските проблеми - како што покажаа штрајковите во Јужноафриканската Република, државниот удар во Хондурас и можеби етничкото несогласување во Кина.
Сепак, понекогаш летата можат да имаат спротивен ефект. Грчките политички немири се познати по општото смирување кога се зголемуваат температурите, додека во летната пауза во 1968 година дојде до прекинување на штрајковите и на студентските безредија, што доминираа во текот на годината. „Летната пауза може да има ефект на разладување“, вели Винен од Кралскиот колеџ во Лондон. „Луѓето заминуваат на одмор и забораваат на се'“. (Ројтерс)
|