Младите ремизираа без голови во Норвешка
Со ова реми Македонија во квалификациите забележа две победи
Младата фудбалска репрезентација на Македонија, играчи до 21 година, ги завршија квалификациите за настап на финалниот турнир на Европското првенство играјќи нерешено во гости со Норвешка 0:0. меѓутоа, овој бод практично ништо не и' значи го освоија само четвртото место во групата, додека на Европското првенство ќе патува Швајцарија како првопласирана, а Холандија ќе игра бараж. Јунак на натпреварот во Фредерикштат на средбата со Норвешка беше нашиот голман Кристијан Наумовски кој бранеше навистина одлично, а во 49 минута успеа да го одбрани ударот од 11 метри што го изведе најдобриот норвешки фудбалер Елионуси. Наумовски во текот на целиот меч бранеше добро и собра доста аплаузи од објективните љубители на фудбалот во Норвешка.
Со ова реми Македонија во квалификациите забележа две победи, три нерешени игри и три порази и освои девет бода. Зад Македонија во групата е само Естонија која, како што е познато, ја совлада Македонија со 1:0 пред две недели.
На мечот со Норвешка Македонија играше во состав: Наумовски, Глигоров, Симовски, Таири, Блажевски, Димитровски, Стојков, Алими, Славковски, Фазли и Тричкоски. Во второто полувреме играа уште Силјановски, Георгиев и Петров. |