Јаневски: Знам дека Црвена звезда е последна
„Ја видов табелата на српската лига и знам дека Црвена звезда е последна, но ако се плашев не би ни дошол на ’Маракана“, изјави за „Мондо“ новиот тренер на некогашниот европски шампион, Чедомир Јаневски. Македонскиот стручњак во досегашната кариера го предводеше само Бриж, и тоа пет месеци.
„Кога го презедов Бриж ситуацијата таму беше можеби и полоша отколку што е сега во Звезда. Сепак, се консолидиравме и на крајот го освоивме Купот, иако во тој момент имавме огромно заостанување во однос на Андерлехт“.
Јаневски е свесен дека во Србија не го очекува мед и млеко.
„Не мора никој да ми кажува дека е потребно многу да се работи. Подготвен сум тоа да го изнесам на својот грб“.
Новиот тренер на Црвена звезда се' уште не е стигнат во Белград, но потпиша договор преку факс.
„Сакам што побргу да дојдам во Белград и да почнам да работам. Што се однесува до медиумите секогаш сум бил коректен со секого. Во разговорите сум искрен и не сум суетен, немам проблем да прочитам критика, како што не сакам да ме фалат во случај ништо да не сум направил. Критикувајте ме и фалите според она што сум го направил. Тогаш се ќе биде в ред“, потенцира Јаневски, кој најави дека нема да има промени во стручниот штаб, односно дека помошници ќе му бидат истите лица кои работеа и со Зденек Земан: „Кристиќ и Живковиќ ја познаваат екипата многу подобро од мене и ќе ми помогнат брзо да се вклопам“. (Блиц) |