Влашиќ со нов рекорд на митингот во Загреб
Таа триумфира во Загреб од Гран-при серијата на ИААФ, со нов рекорд на митингот од 204 см
Светската првенка во скок во височина Бланка Влашиќ триумфира на 58. Меморијал „Борис Ханжековиќ“ во Загреб од Гран-при серијата на ИААФ, со нов рекорд на митингот од 204 см. Идентичен резултат, наедно и личен рекорд, оствари и планетарната вицешампионка Ана Чичерова од Русија, но таа не го издржа т.н. џамп-оф. Хрватката, која на Олимписките игри во Пекинг го освои сребрениот медал, и Русинката, која во Кина стигна до бронзата, не успеаја да прескокнат 206 см, па со оглед на тоа дека претходно и двете имаа по четири неуспешни обиди, се пристапи кон исполнување на правилото на ИААФ - летвичката да се спушта по два сантиметра се' додека не ја прескокне само една атлетичарка. По речиси двочасовен исцрпувачки натпревар и уривањата на 204, 202, 200, 198 и 196 см, Чичерова се откажа и победата ја однесе Влашиќ, на задоволство на преполниот стадион во СРЦ „Младост“ покрај Сава.
Светскиот рекордер и олимписки шампион Дејрон Роблес од Куба со 13,20 сек. победи трет пат во низа во меморијалната трка на 110 м со пречки. Неста Картер, кој беше дел од штафетата на Јамајка што во Пекинг освои злато и го урна светскиот рекорд на 4х100 м, победи на 100 м со 10,23 сек.
Кубанката Јипси Морено го освои првото место во фрлање кладиво со нов рекорд на митингот од 76,62 м. Тоа е и нов личен рекорд на поранешната светска шампионка и двократна олимписка вицепрвенка, остварен во втората серија. „Златната“ од неодамнешните ОИ, Доун Харпер, беше најдобра на 100 м со пречки. Американката истрча 12,65 сек., односно 11 стотинки послабо од времето со кое победи на Олимпијадата. (Спортнет)
|