Опозицијата на избори соло, власта здружено
Влегуваме во период кога на опозициските партии им се наметна политиката секој сам да се спасува, кој колку што може, вели Андов
Партнерите од „Сонце“ се решени сами да ги испробаат силите на претстојните избори
Оливера Војновска
На пролетните претседателски и локални избори опозицијата настапува соло. Социјалдемократите, новите социјалдемократи, либералдемократите и либералите на Стојан Андов изборниот маратон ќе го трчаат самостојно, сосема свесни дека премиерот и лидер на десницата, Никола Груевски, стартува со огромна предност.
Довчерашните коалициски партнери во „Сонце“, и покрај опасноста да го изгубат здивот и целосно да папсаат уште пред да стасаат на целта, решени се секој сам да си ги испроба силите. И по цена да му олеснат на Груевски да ја добие апсолутната власт во државата. Наспроти разединетата опозиција, извесно е дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема да им откаже љубов на партнерите од коалицијата „За подобра Македонија“.
Централниот одбор на СДСМ минатиот викенд донесе одлука за самостоен настап на локалните и на претседателските избори. Според в.д. претседателот Зоран Заев, СДСМ е во полна кондиција, а анкетите на терен покажувале дека социјалдемократите добро котираат пред изборите. Тој е оптимист дека на мартовските избори ќе постигнат резултат што ќе биде барем еднаков на оној од претходните локални избори, каде што СДСМ обезбеди 30-ина градоначалнички места.
Почесниот претседател на Либералната партија, пратеникот Стојан Андов, вели дека моменталната состојба на локално ниво е таква што партиите на власта и на опозицијата се избалансирани. Но, тој прогнозира дека на локалните избори ќе има прераспределба на силите и власта ќе извојува уште една победа. „Сите анкети, без оглед на тоа што се правени во една жестока наметлива пропаганда, покажуваат дека ќе дојде до ново престројување на локално ниво и дека партиите на власт и таму ќе обезбедат голем успех. Сегашната атмосфера укажува на тоа дека таквите прогнози ќе се потврдат и треба да бидеме свесни за тоа. Но, тоа не значи дека опозицијата треба да биде депресивна и да ја зафати дефетизам. Особено поради тоа што се работи за општински избори, се третираат локални проблеми и голема улога има изборот на кандидатот, неговата личност и влијанието што го има во средината. Мислам дека влегуваме во период кога на опозициските партии им се наметна политиката секој сам да се спасува, кој колку што може. За утре никој да нема одговорност зошто влегувал во вакви или онакви коалиции или правел отстапки на некои коалициски партнери. Како што и' забележаа на Радмила Шекеринска, кога одговорноста за предвремените парламентарни избори делумно и' беше префрлана и поради тоа како се однесувала со коалициските партнери“, вели Андов.
Тој е уверен дека „заедничкиот настап дава повеќе можности“, но ако СДСМ мисли да настапи соло, либералите ќе се испробаат самостојно. „Можеби не за градоначалници, но кај советите може да имаме успех. Либералната партија има истакнати личности кои уживаат углед во своите средини“, вели Андов.
Членот на Извршниот одбор на ЛДП, пратеничката Роза Топузова- Каревска, вели дека ЛДП уште пред еден месец најавила самостоен настап и за локалните и за претседателските избори. „ЛДП се подготвува за пролетните избори и во тек е промоцијата на програмата и платформата. Уште тогаш кажавме дека во одделни општини сме подготвени за коалицирање со секој што ќе најде допирни точки со нашата платформа. Расцепканата опозиција и' дава поголеми можности на ВМРО-ДПМНЕ да освои повеќе места. Но, сметаме дека поради членството е добро на избори да излеземе сами и да се мобилизираат општинските организации“, вели Топузова-Каревска. Нискиот рејтинг на ЛДП воопшто не ги фрустрира.
„Анкетите секогаш не се најдоброто мерило, особено за малите партии, тие не се ни посочуваат при испитување на јавното мислење. Така што изборите се добра можност да ги испробаме силите“, смета Топузова-Каревска.
Либералот Андов смета дека апсолутната власт ќе му донесе на Груевски и апсолутна одговорност. „Колку е тоа здраво за една држава, ќе видиме. Доколку нема сериозна опозиција, во кој било дел од власта, тешко дека ќе се обезбеди одговорно владеење. Неодговорното владеење може да ја одведе земјата во тешки конфузии. Таа сигурно ќе се преживее, потоа историјата ќе оценува. Таа ништо не простува“, заклучува Андов.
Потпретседателот на НСДП, Иван Анастасовски, вели дека и во неговата партија разговарале за самостоен изборен настап. „Расцепкувањето на опозицијата му остава уште поголема шанса на Груевски да извојува нова победа. Лично сум за тоа НСДП да оди соло. Бидејќи, кога се формираше ’Сонце‘, целиот гнев на членството се истури врз мене. Еве сега нашите локални функционери имаат шанса да покажат колку вреди НСДП на политичкиот пазар“, вели Анастасовски. Тој додава дека ќе имаат самостојни советнички листи, а за градоначалниците оставаат можност да поддржат друг кандидат во општините каде што нема да номинираат сопствен. „Но, тој мора да биде од левиот блок, сојуз со десницата, со која две години бевме во власта, не доаѓа предвид“, вели Анастасовски. |