Број 2851  понеделник, 01 декември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Мислења

Укинување на владините комисии - за и против

Ана Павловска - Данева

Експертските анализи за работата и составот на владините комисии содржат сериозни критики и препораки за напуштање на оваа негативна практика

Управната постапка претставува еден заокружен систем на правни правила во чии рамки државните органи решаваат за правата, обврските и правните интереси на граѓаните. Најголемиот дел од правниците се согласуваат со констатацијата дека управно-процесните правила ја сочинуваат најсложената правна процедура во системот. Дотолку повеќе што еден општ кодекс на норми наречен Закон за општа управна постапка треба да се примени на безброј случаи со различна содржина предвидени во море од различни материјални прописи и на сите нив да им се најде некој т.н. заеднички именител.

Едноставно кажано, правилата на игра во управната постапка се следниве: граѓанинот-странката поднесува барање за остварување на некое свое право до надлежниот државен орган или организација со јавни овластувања. Постапката се одвива во неколку фази и завршува со донесување конкретен управен акт - решение. Доколку со решението и' се одобрува барањето на странката, постапката најчесто тука завршува. Но, кога органот го одбива нејзиното барање (дури и кога молчи, бидејќи молчењето значи одбивање), странката има право да ја продолжи постапката преку поднесување жалба до второстепениот орган. Во теоријата се зборува за две основни својства на жалбата: суспензивно, а тоа значи дека го одлага извршувањето на првостепениот акт и деволутивно - по неа одлучува повисок орган од оној што го донел првостепеното решение. Преку суспензивноста и деволутивноста на жалбата се обезбедува вистинска правна сигурност на граѓаните во една држава, а конкретно во управната постапка, преку овие две својства на жалбата се спречува самоволието и арбитрерноста на органите на државната управа и на сите други органи и организации кои решаваат за правата на граѓаните.



Од осамостојувањето на Република Македонија во 1991 година, нашата државна управа станува едностепена. Овој факт ја усложнува состојбата во врска со деволутивноста на жалбата. Така, се поставува прашањето кој орган ќе се здобие со својство на второстепен или надзорен орган, односно контролор на законитоста на првостепените решенија, особено кога тие се донесени од највисоките управни органи – министерствата. Долги години ова прашање беше уредено само со Деловник на Владата на Република Македонија, а во 2005 година беше преточено и во законска норма. Решението се состои во формирање комисии за решавање во в��ор степен при Владата на Република Македонија.

Ваквото решение е последица на неколку одлуки на Уставниот суд со кои се укинаа второстепените комисии формирани во рамките на министерствата, бидејќи на тој начин отсуствувало деволутивното својство на жалбата. Точно е дека владините комисии формално-правно го задоволуваат принципот на деволутивност, но практиката покажа дека нивниот состав, работа (времетраење на постапките), одлучување и ефикасност во целост се косат со принципите на стручност, компетентност, деполитизација и професионалност. Сите експертски анализи (домашни и странски) на работата и составот на овие комисии содржат сериозни критики и препораки за напуштање на оваа негативна практика.



Затоа, за поздравување е заклучокот на Владата на Македонија од септември годинава со кој од надлежните се бара анализа на состојбите која ќе доведе до реална информација за оправданоста, целисходноста и потребата од постоење на второстепените комисии при владата. Претпоставка е дека, конечно, се прифаќа идејата овие владини комисии да се укинат. И без длабински анализи, јасни се причините и потребата за нивно укинување. Со овие владини комисии традиционално претседаваат министри. Значи, еден министер одлучува за законитоста на решението на негов колега – министер на друг ресор. Другите членови на комисиите се државни службеници кои, според некои непишани правила, спротивно на пишаните, се разрешуваат од комисиите при секоја смена на владејачката гарнитура. Затоа, Републичкиот управен инспекторат подготвува опсежна анализа за ова прашање, која најверојатно ќе ги поткрепи сугестиите и ставовите на експертите во однос на потребата второстепените владини комисии да престанат со работа.

Но, што потоа? Тоа е прашањето кое предизвикува вистинска главоболка кај секоја влада што решила да се фати во костец со овој проблем. Кој да одлучи по жалбата на граѓанинот кога некое негово право е скратено или злоупотребено со решение на министер? Кој е повисок орган од министерот? Таков нема, нашата управа е едностепена, затоа ќе мора да се изнајде решение кое, од една страна, ќе биде законито и уставно, а, од друга страна, ќе биде прагматично и корисно. Можно ли е полошо решение од сегашното? Можно е. Да не се дозволи правото на жалба во управната постапка, т.е. да се укине принципот на двостепеност, па сите првостепени решенија да се сметаат за конечни. Во таков случај, Управниот суд ќе се претвори во жалбен орган пренатрупан со секакви жалби од граѓаните и никогаш нема да може да покаже ажурност и ефикасност во своето работење. За таа цел, ќе мора повторно да се зголемува бројот на судиите во Управниот суд со што се губи неговото значење и целта заради која беше формиран. На крајот, ќе мора да се обезбеди и второстепена судска заштита против пресудите на Управниот суд за што ќе обнови идејата за надлежен повторно да се прогласи Врховниот суд на Република Македонија, што ќе рече: врти-сучи пак на старо се враќаме.



Ова изложување на негативните и непожелни алтернативи за организација на нашиот управен апарат стимулира размислувања за изнаоѓање поприфатливи решенија. Такви постојат. Некогаш претставуваат апсолутна новина за постојниот правен систем, некогаш својата основа ја црпат во законско решение кое постоело одамна, а сепак се покажало како ефикасно. Некогаш станува збор за решение применето во некои други држави, но во секој случај е потребна искрена и цврста волја да се реши проблемот.

(Авторката е доцент на Правен факултет)


Статијата е прочитана 600 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Претходен број
Фудбалот е комбинација меѓу шахот и балетот
Опозицијата на избори соло, власта здружено
Невидливи ракети
Зденко
СОНК и Владата само чекор напред во приближување на ставовите
Протестен марш на Здружението на бранители „Достоинство“ во Скопје
Груевски пак ќе јава со името на избори!
Вербатим
Владата заборави на најпогодените сектори
Сенка врз ѕвездените моменти на Владата
Во 2009 година македонските граѓани без визи во Европската унија?
Зоран Јолевски нов преговарач за името
Карикатура
Oсум новозаболени случаи од сида
Нови дневни ограничувања на берзата