Георгиевски: Гошев требаше да купи злато
Македонија ќе заштедеше околу 400 милиони евра ако пред околу три месеци НБРМ ги претвореше во злато поголемиот дел од девизните резерви на државата. Со ваква процена вчера излезе поранешниот премиер Љупчо Георгиевски, потсетувајќи дека на 14 март, по седницата на ЦК на ВМРО-НП во Охрид, му препорачал на гувернерот Петар Гошев да конвертира 90 проценти од македонските девизни резерви во злато наместо да ги чува во банките со камата од 1 процент.
Според Георгиевски, Гошев погрешил што тогаш не го послушал неговиот совет, кој бил инспириран од пропаѓањето на големи банки, од анализите дека цените на златото енормно ќе растат и од очекувањата за забележителни промени во односот долар - евро.
„Од 14 мај досега златото постигна рекордни цени и се случи тоа што досега не се случуваше - неговата цена во различни девизи да биде различна. Но, монетарната власт ја пропушти шансата. Сега и да се преземе таков чекор, тоа би претставувало ризик“, оцени Георгиевски. Тој посочи дека во изминатиот период многу држави, главно од азискиот континент, ги претвориле своите девизи во злато, како што направиле и земји кои имале вишок евра.
На седницата на ЦК на ВМРО-НП во Охрид, Георгиевски побара и оставка од гувернерот Гошев. Поранешниот премиер вчера појасни дека смета оти во Македонија има двојство во финансиската и економската политика, која од една страна е контролирана од гувернерот, а од друга страна од Владата. „Ако Владата, на пример, направи радикален чекор и го намали буџетот, тогаш таа има легитимно право да бара смена на гувернерот за да може да ја спроведе новата политика“, рече тој. (А.М.М.) |