Отпор спрема мерките за штедење во Германија
Најголемиот пакет мерки за штедење во поновата германска историја, што го објави канцеларката Ангела Меркел, наиде на голем отпор кај партиите на опозицијата и синдикалните организации. Тие сметаат дека пакетот за штедење носи нерамноправна распределба на товарот. Според плановите на владата, државниот буџет треба да биде растоварен за 11,2 милијарди евра само во наредната година и вкупно 80 милијарди до 2014 година. Претседателот на најголемата опозициона партија во германскиот парламент, Зигмар Габриел, оцени дека партиите на власт товарот на мерките за штедење го префрлаат најмногу врз плеќите на социјално слабите слоеви. Шефот на собраниската група на Партијата на левицата Грегор Гизи смета дека имало многу други начини за да се подобрат приходите за државниот буџет пред да почнат да се скусуваат социјалните давачки. „Владата донесе одлука да го укине социјалното пазарно стопанство во Германија и се надевам дека против таквата одлука ќе се крене масовен отпор“, вели Гизи.
Дека работниците нема да го прифатат ваквиот план на владата најави и шефот на Здружението на синдикатите. „Никој не треба да го потценува нашиот гнев за ваквата социјална неправда, а, исто така, решеноста да го коригираме ваквиот погрешен пат“, изјави Михаел Зомер. Критики на планот за штедење дојдоа и од редовите на владејачката коалиција. Дури и шефот на пратеничката група на владејачките партии одговорен за пазарот на труд, Петер Вајс, оцени дека пакетот мерки не е социјално избалансиран и оти поголем дел од товарот требало да понесат посилните во општеството. (Дојче веле) |