Втора среќа за закупци за зоните
Концесионерите треба да ја покријат неспособноста на одговорните да привлечат инвеститори
Владата е неспособна сама да привлече странски инвестиции, па бара некој друг да го направи тоа во нејзино име, преку барање концесионери за слободните економски зони, обвинува опозицијата. Според неа, оваа идеја го потврдува фијаското на оваа власт на полето на привлекување инвеститори што ќе бидат расположени да вложат пари во земјава. Досега на Владата не и' успеа да донесе инвеститори, иако понуди бројни поволности за нив, од даночни до секаков друг вид олеснувања.
„Владата со ова го признава фијаското во управувањето со слободните економски зони и дебаклот во привлекувањето странски инвеститори. Ова идеја практично е признание дека таа не е способна да донесе инвестиции во земјава, па сега преку барање закупци, сака таа обврска да ја префрли на друг, односно потенцијалните закупци и колку-толку да пополни дел од зоните што никнуваат како печурки“, вели Владо Бучковски од СДСМ.
А само пред два месеца Владата ја отвори новата слободна зона „Бунарџик 2“, лоцирана веднаш до „Бунарџик 1“. Тогаш премиерот Никола Груевски рече дека Владата ги активира зоните за да биде подготвена пред напливот на инвеститори. „Полека кризата ќе се намалува, ќе олабавува и чекор по чекор ќе заминува и сакаме подготвени да го дочекаме тој период по една година и да имаме доволен простор на располагање, да не се случи некој да не можеме да го прифатиме само затоа што не е изградена инфраструктура во зоната“, изјави тогаш премиерот.
Владата најави дека ќе бара мултинационални компании што веќе се занимаваат со развој на вакви индустриски зони, за да донесат инвестиции во земјава. Според министерот за економија Фатмир Бесими, се' уште не се работи за финална идеја, туку допрва ќе треба да се прецизираат деталите како таа ќе се реализира и на колку години зоните ќе се даваат под концесија. Сепак, извесно е дека за да може тоа да се реализира прво во зоните мора да биде изградена инфраструктура. Оваа старо-нова иницијатива на министерот за економија Фатмир Бесими личи на една идентична претходна намера од 2004 и од 2005 година, кога тој беше, исто така, министер за економија и кога „Бунарџик“ беше даден под закуп на велшката компанија „Глендор естејт“, обид што заврши неславно.
Имено, во 2006 година тогашната Влада еднострано го раскина договорот со велшката фирма, која од шестмесечното управување со „Бунарџик“ не успеа да привлече ниту еден инвеститор во зоната. И покрај тоа што „Глендор естејт“ не успеа да го исполни својот дел од договорот да почне со формирање на зоната, настапи со свои барања за стекнување трајна сопственост на објектите и земјиштето во „Бунарџик“, спротивно на нашите тогашни закони, како и барање за заедничко вложување на средства со Владата и можност за неприложување банкарска гаранција од милион евра. Поради сето ова Владата тогаш го раскина договорот со Велшаните и по судски пат побара отштета од пет милиони евра.
Останува да се види дали давањето под закуп на зоните ќе успее да донесе свежи инвестиции во земјава. Последните бројки за СДИ во земјава се поразителни. Лани завршивме со 180 милиони евра странски инвестиции, а во првите два месеца од годинава се влезени само 14 милиони евра СДИ. Инаку, според планот на Владата, во земјава треба да никнат вкупно 11 слободни економски зони во повеќе градови низ земјава. (А.С.) |