Бум ТВ реагира за дивото реемитување на ТВ Пинк
„Диги плус мултимедија“, сопствениците на Бум ТВ реагираат на неажурноста на Советот за радиодифузија во врска со Пинк ТВ. Еден месец по известувањето за исклучување на Пинк ТВ од програмската шема на 30 кабелски оператори, „Диги плус мултимедија“ реагираат дека операторите се' уште не ја почитуваат одлуката и продолжуваат со реемитување на овој канал на диво. „Ние сме изненадени од односот на регулаторот, кој не презема идентични мерки кон сите учесници на пазарот за стопирање на незаконското реемитување на програмите на Пинк плус и Пинк мјузик од страна на кабелските оператори“, истакнуваат од „Диги плус мултимедија“. Тие очекуваат дека Советот ќе се активира дополнително и за регулирање на прашањето за преводите на повеќето канали, кои како што нагласуваат, „исто така, бесправно се преземаат од страна на голем дел од кабелските оператори“.
Борче Маневски, портпарол на СРД, истакна дека по испратеното предупредување до операторите за исклучување на програмите на Пинк, СРД вршел редовен мониторинг, кој покажал дека некои од операторите не се придржуваат до законските одредби. „Моментно сме во процес на обработка на податоците од мониторингот и на следната седница на Советот ќе бидат разгледани анализите и доколку се констатирани прекршувања, ќе изречеме законски санкции“, се вели во официјалниот одговор од СРД. Прв и еден од ретките кабелски оператори што ја испочитуваа одлуката за исклучувањето на овој канал е операторот „Кејблтел“. (М.П.) |