Српските хулигани најавија пекол во Сплит
Хулиганите на речиси сите белградски клубови најавија дека в четврток ќе дојдат во Сплит да му дадат поддршка на Зенит во мечот од Лига Европа против Хајдук.
Српското навивачко лудило очигледно нема да престане и по казната на УЕФА за нередите во Џенова. „Не е тајна дека нашите православни браќа пред заминување во Хрватска ќе дојдат во Белград. Ги очекуваме вечерва или утре, а потоа заедно тргнуваме за Сплит. Не сакам да откривам детали, освен дека ќе не има доволно за да го срушиме градот и да ја испоубиеме целата „Торцида“, изјави за „Курир“ припадник на една белградска навивачка група.
Но, ниту „Торцида“ не седи со скрстени раце. Веќе подолго време навивачите на Хајдук подготвуваат одмазда за навивачите на Зенит за „топлото добредојде“ во Санкт Петерсбург.
Имено, пред помалку од две недели руските хулигани се пресметаа со Хрватите и тоа во нивниот хотел.
„Само нека дојдат во што поголем број. Може цела Србија и Русија да дојдат во Сплит, ама градот нема да го напуштат живи“, е една од многубројните заканувачки пораки од другата страна.
|