Јонуз ќе тестира четворица во Корча
На пријателскиот меч со Албанија на 17 ноември ќе добијат шанса Кировски, Тодорчев, Фетаи и Мемеди
Сашко Ѓ. Димовски
Христијан Кировски, Горан Тодорчев, Бајрам Фетаи и Агрон Мемеди се четворицата нови фудбалери во плановите на Мирсад Јонуз за пријателскиот натпревар на македонската репрезентација против Албанија на 17 ноември во Корча.
„Го следам Кировски во дресот на Скопје, добар е, постигнува голови, затоа сакам да видам како ќе се снајде и во репрезентативниот дрес. Тодорчев има искуство. Одигра преку 30 меча додека бев селекторот во младата репрезентација. Тука е Мемеди од Ренова, а ќе го повикам и Фетаи кој до пред три кола беше стандарден во дански Нордсјиланд“, вели Јонуз.
Освежувањето во националниот тим е добро. Впрочем мечевите каков што е претстојниот со Албанија се добра прилика да се воочи потенцијалот на фудбалерите во домашното првенство, но и на дел од интернационалците, да се видат нивните моментни можности и квалитети. Но, од друга страна Јонуз ќе има проблеми да ги собере стандардните досега за гостувањето во Корча. Уште отсега е јасно дека Филип Деспотовски од азербејџански Интер Баку ќе го пропушти дуелот со Албанија. Има скршеница на малиот прст на ногата и ќе мора да носи гипс некој период. Неизвесен е настапот и на Горан Попов од киевски Динамо. Поради повреда не беше во комбинација за октомвриските натпревари на Македонија против Андора и Русија, веројатно ќе го нема и за наредната репрезентативна акција. Под знак прашалник е доаѓањето и на Горан Пандев. Тој беше меѓу патниците на актуелниот европски првак, Интер, за синоќешното гостување кај Тотенхем во Лигата на шампионите меѓутоа „висеше“ во воздухот неговиот настап на „Вајт Харт Лејн“ бидејќи на еден од тренинзите пред мечот со Џенова, Сали Мунтари влегол поостро во еден дуел со 26 годишниот струмичанец, па затоа и нашиот капитен го немаше на „Луиџи Ферарис“ во петокот.
„Ја следиме ситуацијата со Попов и Пандев. Ако ги надминат проблемите со повреди и бидат подготвени за настап против Албанија ќе биде добро, во спротивно ќе мора да бараме алтернативни решенија во случај на нивно отсуство“, порачува Јонуз.
Ако Кировски, Тодорчев и Мемеди и' се познати на македонската јавност, тогаш Бајрам Фетаи е енигма и дуелот во Корча е прилика да запознаеме со квалитетот што тој го поседува. Станува збор за напаѓач на данскиот прволигаш Нордсјиланд кој претходно ги бранеше боите на Силкеборг и Б93, а еден период од кариерата мина и во Шкотска во тимовите на Инвернес и Глазгов Ренџерс. Има 26 години, поседува македонско државјанство, деновиве се очекува да добие и пасош и да стекне право за настап за Македонија. |