Денг збесна против Портланд
Рекордни 40 коша за Британецот во победата од 110:98
Луол Денг го одигра натпреварот на кариерата во НБА-лигата, постигнувајќи рекордни 40 коша против Портланд, кој во Чикаго беше совладана со 110:98. Британецот, кој, практично, не се виде во квалификацискиот натпревар за Европското првенство 2011 против Македонија во Скопје, токму против Портланд го имаше и досега најдобриот личен ефект од 38 поени од меѓусебниот дуел во март 2007 година.
Дека тоа ќе биде негова вечер центарот на Чикаго навести уште во првата четвртина, кога постигна 16 поени, погодувајќи шест од седум удари од поле и уште четири од линијата за слободни фрлања. Кошаркарот што често беше критикуван дека може да одигра врвно само половина меч, овој пат биеше 14/19 од игра, 9/11 од слободни и на тоа додаде три тројки.
На Денг од голема помош му беше Дерик Роуз со неговите 16 поени и дури 12 додавања. Ламаркус Олдриџ, пак, со 33 коша беше најефикасен кај гостите, кои го претрпеа својот прв сезонски пораз.
Во преостанатите две средби Сакраменто го совлада Торонто со 111:108, а Лос Анџелес Клиперс дома изгуби со 97:88 од Сан Антонио. |