Ставрев на центарот во Данска
Нашиот најдобар фудбалски судија, интернационалецот Александар Ставрев, од Судиската комисија на УЕФА доби уште едно признание: тој ќе биде главен судија на натпреварот од четвртото коло на Лига Европа меѓу Одензе од Данска и Јанг бојс од Швајцарија, што ќе се одигра на 4 ноември. Ќе му помагаат Љубомир Крстевски и Марјан Кировски, а четврти судија ќе биде Петар Мантев. На овој меч ќе има уште двајца судии зад головите, и тоа Димитар Мечкаровски и Горан Спирковски.
Ставрев за својата арбитража на претходната средба во Евролигата меѓу Дебрецин од Унгарија и Металист од Украина од контролорот Кирос Јоргос од Кипар е оценет со висока оценка 8,6. Судиите во натпреварите на УЕФА и ФИФА се оценуваат од 6 до 10, но ниту еден досега нема добиено максимална оценка. На претходните три средби што ги судеше Ставрев, и тоа Локомотив Москва - Лозана, Луксембург - Белорусија и Турција - Република Ирска (играчи до 21 година), тој од контролорите три пати доби одлична оценка 8,4. Според овие оценки и се' позачестеното делегирање на европската сена Александар Ставрев е на добар пат да се најде во втората група на листата на најдобрите европски судии.
Дека македонските судии се' почесто судат во Европа покажува и делегирањето на прилепчанецот Горан Спиркоски, кој штотуку се врати од Грузија, каде што со помошникот Кирил Негриески судеше на квалификацискиот турнир за ЕП за фудбалри до 17 години, на кој учествуваа Полска, Англија, Шведска и Грузија. (М.М.) |