Стил
Португалија: Магична земја на меланхоличен звук и легенди
Португалците се помирни, потаинствени и иако не милуваат многу да зборуваат низ улиците, нивниот звучен јазик плете најубави романтични приказни
Ивона Саздовска
Танцот фадо, добриот фудбал, Васко де Гама и песочните плажи се први асоцијации при спомнувањето на Португалија. И додека нејзините жители ги замислуваме како весели, отворени и темпераменти луѓе кои живеат во сончева и питома земја, во која нема многу грижи бидејќи се присутни песната, коридата и љубовта, добиваме слика за една сосема поинаква приказна.
Многумина ќе помислат дека станува збор за Шпанија само со поинакво име, но по неколку дена сфаќате дека Португалија е сосема поинакво и помистично место што успева да ве измами на прв поглед.
За почеток, Португалците гледаат со непријатност кон шпанските туристи, кои не се штедат да ги искажат вокалните потенцијали шетајќи низ пространите улици. Долговековното непријателство не се заборава преку ноќ, иако важат за соседски земји, кои подолго време успеваат да живеат во мир.
Во однос на странските туристи, тие се прилично затворени, делумно и поради фактот што многу малку говорат странски јазици, особено англиски. Што се однесува до нивниот темперамент, ни оддалеку не станува збор за весели луѓе, бидејќи нивната фадо-музика е олицетворение на тагата и склоноста кон страдање. Најдобар збор што ја опишува оваа музика е „saudade“, кој има двојно значење - тага по она што е изгубено, како и тага по она што никогаш нема да се случи. Можеби нивната тага се гледа и во однесувањето со биковите кои се дел од коридата. Наместо да бидат убиени веднаш, како што е примерот со Шпанија, Португалците сочувствуваат со публиката, па го прават тоа по завршувањето на претставата без ничие присуство.
Во однос на времето, Медитеранот си го прави своето, па така во јужниот дел ќе сретнете топла и пријатна клима, додека во северниот дел ви претстои сурова зима која за момент ќе ве потсети на студениот исток, а не на топлиот југ.
Откако ќе ги расчистите сите заблуди и стереотипи, ќе сфатите дека Португалија претставува вистинска магична земја. На секој чекор, шетајќи низ улиците, ќе откриете многу романтични легенди и трагични љубовни приказни, од кои дел се базираат на вистински настани.
На пример, во градот Обидос ќе ја чуете приказната дека во име на љубовта Дом Динис и' се подарил на кралицата Дона Изабела, која направила најголема револуција во своето владеење, дозволувајќи во црква да се наслика лик на жена.
Доколку денес го посетите тој град, веднаш в очи ќе ви паднат бело-сините куќи украсени со цвеќиња, кои неодоливо потсетуваат на градови од сликовниците за деца.
На дел од приказните нема да успеете да им поверувате, но сепак ќе ви го задржат вниманието, како таа за маварскиот крал Алмундин, кој се оженил со принцезата Гилда, која доаѓала од северот, па почнала да тагува поради тоа што и' недостасувале снежните пространства на нејзината земја. За таа цел, кралот насадил илјада дрвја бадеми, чии бели цветови требало да ја потсетуваат на снегот што толку и' недостасувал.
Доколку навистина сакате да ја истражувате Португалија, најдобро е да започнете од главниот град Лисабон. Најдобрата фадо-музика ќе можете да ја слушнете во малите локали што се наоѓаат во тесните улички на квартовите Алфама или Баиро Алто. Истото правило важи и за храната.
Иако има неколку добри ресторани што ќе ви ги препорачаат сите водичи, најдобро е да ве води инстинктот, бидејќи храната е најдобра таму каде што има метеж и каде што јадат Португалците.
Со келнерите ќе успеете да се објасните со пантомима, доколку не научите некои зборови, но ако се одлучите за риба, изборот ќе биде лесен затоа што ја имате во излог, па доволно ќе биде само да покажете со прст.
Секако, нејзиниот вкус е извонреден, но сепак омилена храна на Португалците се свинското месо и колбасите, а од зачините практикуваат да го користат свежиот коријандер.
Единствено непријатно искуство може да ви биде супата „алентахана“ што се состои од вода, една главица кромид и лист од коријандер, а се служи со живо јајце и парчиња стар леб.
Што се однесува до пијалаците, виното е заштитен знак на Португалија, па затоа не смеете да пропуштите да ги пробате црното вино „порто“ и „вино верде“ (зелено вино).
Ако одлучите да излезете надвор од Лисабон, ќе ги забележите благодатите на членството во Европската унија меѓу првите земји. Португалија има автопати на кои би можеле да им позавидат сите, што претставува голема предност за да можете брзо да стигнете од едно место до друго.
Најзападната точка во Португалија на атлантскиот брег е Кабо да Роча, каде што се испишани зборовите „овде завршува земјата, а почнува морето“. Тука се прекрасните песочни плажи, кои претставуваат вистински рај за сурферите, но за обичните пливачи не се некое особено задоволство. Големите бранови никогаш не стивнуваат, а температурата на океанот ниту во текот на летните месеци не достигнува повеќе од 18 степени.
Многумина што доаѓаат да ја посетат Португалија не го заобиколуваат сакралното место Фатиму. Ова мало село има две модерни цркви, а остатокот од објектите се ресторани, хотели и продавници за религиски реквизити. Речиси целото население е од католичка вероисповед, а мал дел припаѓа и на протестантската религија.
Во редот градови што треба да ги посетите влегува и Порто, потоа островот Мадеира, прекрасните планини на север и уште многу нешта.
Во секој случај, едно е сигурно. Колку пати и да одите, секогаш имате причина повторно да се вратите во Португалија.
Фадо - музика инспирирана од тагата
Фадо е најпознатата музика во Португалија која е популарна повеќе од два века. Овој жанр кој многу потсетува на блузот се родил и развивал во почетокот на 19 век во Лисабон, а како негов идеен творец се смета Марија Севера, која најпрво им пеела на лисабонските аристократи во таверната на мајка си.
Фадо е спој од бразилското и северноафриканското влијание, плус португалската поезија и модихо-баладите. Корените на фадо-музиката се поврзуваат со бразилските имигранти, кои преку својата фофа и линду-музика почнале да ги создаваат првите фадо-звуци.
Пред се', станува збор за музика на гитарата и гласот, но модерната верзија вклучува и бас, виолина, виола и чело. Сржта на оваа музика е „saudado“, што во превод опфаќа широк спектар на емоции, од осаменост и меланхолија до тага и фаталистички поглед на загубата.
Понекогаш песната повикува на изгубената љубов или носталгијата на сеќавањата од минатото.
Главните фадо-центри се Лисабон и Коимбре, кои се наоѓаат во непосредна близина.
Иако за Португалците е еден од најдобрите жанрови во музиката, фадо не успеал да се прослави надвор од границите на земјата. Но, затоа една од најголемите музички икони, која не пропушта да каже „ја сакам Португалија“ каде и да настапува, е Цесарија Евора.
Палатата „Пена“ во Синтра
Палатата „Пена“ е едно од најфасцинантните места што го посетуваат туристите во Португалија. Станува збор за монумент кој е олицетворение на романтизмот од 19 век и претставува еден од најубавите светски објекти. Историчарите тврдат дека ја изградил кралот Фернандо Втори на место каде што претходно се наоѓале урнатините на еден манастир, но приказната што ја кажуваат туристичките водичи вели дека љубовта спрема местото е главна причина за постоење на палатата. Имено, Фернандо бил втор сопруг на португалската кралица Марија Втора и бил маѓепсан од природноста на местото, а кралицата била подготвена да му угоди на својот сопруг, со што почнала градбата. Дури и по смртта на кралицата продолжила надградбата на палатата, која денес претставува вистинско ремек-дело.
Седумте рида на Калипсо
Мислата што ќе ви се наметне додека шетате низ главниот град на Португалија е поврзана со „проклетите ридови“. Има мал број улици што се рамни, па затоа е најдобро да патувате со трамваи, кои се заштитен знак на градот и поминуваат низ најопасните тесни ридести улици. Меѓутоа, како и се' друго, и ридовите се поврзани со легенда. Според неа, лисабонските ридови ги основал Одисеј, кој по долго талкање одлучил да остане во Лисабон бидејќи многу му се допаднале природата и распоредот на градот. Тука ја сретнал својата љубов - нимфата Калипсо, меѓутоа по извесно време морал да ја напушти. Од голема тага Калипсо се претворила во змија и од нејзиното свиткано тело се формирале седумте рида. |