Стил
Хотелот „Атлантис“ прво чудо од Палма на Дубаи
Тоа е остров создаден, симболично кажано, од човечка рака, во форма на палма. Хотелот „Атлантис“ изграден на „лист од палмата“ има 1.600 соби на површина од 47 хектари
Јасминка Павловска
Рецесија? Каква рецесија? Тој збор, иако неодамна актуализиран како интернационализам со фреквентна употреба меѓу сите познавачи и лаици за економските движења во светот, беше избришан од речникот на 20 ноември годинава, на отворањето на суперлуксузниот ресорт „Атлантис“ на фамозниот Палма - остров во Дубаи. Тешките времиња не се чувствуваа ноќта кога хотелскиот могул Сол Керзнер, тежок милијарди долари, „фрли“ 20 милиони долари само за свеченото отворање на „Атлантис“, неговото ново блескаво одморалиште на море во Обединетите Арапски Емирати.
Славните личности, меѓу кои Линдзи Лохан и нејзината партнерка Саманта Ронсон, Мери-Кејт Олсен, Шарлиз Терон, Квинси Џонс, Роберт де Ниро, Крис Такер, војвотката од Јорк, Мајкл Џордан, Џенет Џексон, Миша Бартон..., долетаа во Дубаи на тридневната забава на новоотворениот хотелски имот, вреден 1,2 милијарди долари, сместен на островот Палма, создаден од човечка рака. „Атлантис“ за отворањето беше трансформиран во место од приказните со масивни розови змејови и медузи, кои се „плеткале“ низ гламурозниот метеж, нудејќи кулинарски деликатеси, приготвени од тим од четворица готвачи со ѕвезди „мишелин“. Но, веројатно најекстравагантниот дел од вечерта бил спектакуларниот огномет, петпати поголем од отворањето на Олимписките игри во Пекинг. Гостите на гала-вечерата,околу 2.000 на број, сите до еден од светот на џет-сетот и гламурот, ги забавувала Кајли Миног, одржувајќи концерт, но закопчана речиси од глава до петици во „аутфитот“ на Жан-Пол Готје, внимавајќи да не ги прекрши законите и чувствата на некои од гостите. Сепак, и покрај сиот луксуз, гламур и екстраваганција што се нудат, во Дубаи строго се почитуваат муслиманските закони и обичаи.
„Местово е нереално“, воодушевено извикала Шарлиз Терон само што стапнала на „почвата“ на „Атлантис“.
Во предизвиците на Дубаи, „Атлантис“ е претставен како најновата атракција. Тој е првиот отворен хотел на спектакуларниот вештачки создаден остров-палма, со кој всушност започнува туристичкиот развој на ова „чудо на векот“. Ресортот-предводник покрива 113 акри површина, а во него се наоѓа и најголемата морска зоолошка градина на Блискиот Исток со 65.000 морски животни, меѓу кои и ајкули и октоподи. Во единствените чувства што ги нуди „Атлантис“ се и „скриените соби“, каде што гостите можат да уживаат во морскиот живот одблизу, преку стаклени подземни ходници, во прошетка низ водниот парк „Аквавентура“ на 42 акри, каде што може да се „допирате“ со опасните ајкули преку стаклото. Исто така, се нуди и можност за игра со делфини во посебната Делфин плажа.
Навистина за такво бајковито доживување не се прашува за цена, па почетните 869 британски фунти за петдневно уживање за двајца, со ноќевање и појадок, во новотворениот „Атлантис“, со вклучен лет од Лондон, се доживува само како информација патем. Исто така, може да се доживее и информацијата дека 80 отсто од хотелскиот капацитет веќе е резервиран за шест месеци однапред, уште пред свеченото отворање.
„Атлантис“ претставува предводник во остварувањето на амбициите за ексклузивен туристички развој на револуционерно технолошки создадениот остров. Амбициозниот проект Палма типично го потенцира духот на Дубаи, еден од седумте емирати на Обединетите Арапски Емирати. Дубаи рапидно се развива во светски финансиски центар и популарна туристичка дестинација што го спојува модерното со богатото културно наследство. Крајностите во претставите што се сретнуваат во Дубаи: од пустина до богати паркови и ексклузивни плажи, ја градат „мистичноста“ на ова место што привлекува со крајностите. Во овој емират блескавоста никогаш не е имитација, колку и да е доминантна и нападна. Распростран на 1.500 квадратни километри, Дубаи живее „на големо“, со одлична инфраструктура, со хотели со 5 ѕвезди, супер шопинг-статус и едно од најновите светски „чуда“ - затворен снежен пар.
Палма е еден од најголемите потфати на Дубаи. Всушност, целосното име е Палм Џамеира. Станува збор за остров создаден, симболично кажано, од човечка рака, во комбинација со висока технологија, во форма на палма. Тоа е проект на крунскиот принц на Дубаи и се протега на речиси 65 километри по морскиот брег. Хотелот „Атлантис“ има 1.600 соби на површина од 47 хектари. Архитектурата е „повторена“ од фамозните двојни „Кралски кули“ на Бахамите, кои всушност се во сопственост на истиот могул - Сол Керзнер.
Во импресивната биографијата на 73-годишниот Сол Керзнер стои дека тој ја изградил „Сан интернешенел“, најуспешна групација хотели во Јужна Африка. Тој е претседател на Управниот одбор на „Керзнер интернешенел“. Успехот на „Сан Сити“, негов јужноафрикански ресорт, му го отвори патот за интернационална експанзија со хотелски и казино-ресорти. Тој го отвори првиот ресорт „Атлантис“ на Бахамите. Неговата менаџмент-компанија „OneиOnly Resorts“ управува со пет ѕвездени луксузни ресорти на Бахамите, Мексико, Маврициус, Дубаи и на Малдивите.
Сепак, во биографијата на Керзнер не недостасуваат контроверзиите. Како создавач на коцкарски ресорти, неколкупати бил под истрага, но ниту една не резултирала со обвинение. Во 1985 година, „Сан Сити“ беше на обвивката на антиапартхејд рок-албумот насловен „Сан Сити“, направен од група музичари кои себеси се нарекоа „Уметници здружени против апартхејдот“.
Керзнер својот бизнис го насочил кон Дубаи уште пред десет години, верувајќи дека емиратите нудат висок степен на заштита во сегашната економска клима.
„Гледав како се гради инфраструктурата од ништо. Гледав како пустината се трансформира во сето ова што се гледа денес. Навистина чудесно место“, констатира Керзнер, која на светската рецесија пред десетина дена и' се насмеа в лице, со 20 милиони долари за една забава.
|