Македонија ја разбра и ја спроведе пораката од ЕУ
Брисел - Охрабрен сум од заклучоците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите во Македонија биле успешни и ги исполниле повеќето меѓународни стандарди, вели еврокомесарот за проширување, Оли Рен, во писмената изјава која до медиумите ја дистрибуира Канцеларијата на Европската комисија во Скопје.
„Во изминатите месеци ЕУ инсистираше на важноста на овие избори за европската иднина на земјата. Внимателно го следев текот на првиот круг од изборите и гледам дека нашата порака е разбрана. Граѓаните на земјата мудро ја искористија можноста да го остварат своето демократско право и да гласаат. Државните институции одиграа важна улога во обезбедувањето најдобри можни услови за гласање, како и за доставување на избирачкиот материјал до повеќето гласачки места и покрај снежното невреме“, истакнува Рен.
Првиот круг, посочува еврокомесарот за проширување, е само полуфинале од изборниот процес.
„Финалето ќе се одржи за две недели и очекувам да биде фер. Ги повикувам политичките лидери и институциите во земјата целосно да ги преземат своите обврски и да обезбедат вториот изборен круг на 5 април да биде спроведен според меѓународните стандарди, слободно и фер. Уште еднаш нагласувам дека тоа е патот кон ЕУ“, порачува Оли Рен. (Д.Р.) |