Селмани успешен во претседателските, но локално изгуби од ДУИ
Светлана Унковска Киро Кипровски
Претседателскиот кандидат на Нова демократија, Имер Селмани, ја заврши изборната трка на трето место со 146 .795 гласа, веднаш по Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ и Љубомир Фрчкоски од СДСМ, кои влегуваат во вториот круг. Но, она што за Селмани претставува успех во претседателската трка не е само третото место, кое прв пат му успева на еден Албанец во Македонија, туку убедливото водство што тој го има во однос на кандидатите на ДУИ и на ДПА, Агрон Буџаку и Мируше Хоџа. Диспропорциите во бројот на освоени гласови на сопственото конто, наспроти партиското, зборува дека ликот и делото на Селмани наидува и на поддршка кај неалбанското население, особено македонското.
Наспроти ваквите респектабилни резултати на Селмани, Нова демократија потфрли во освојувањето на локалната власт, каде што успеа да ја загуби и единствената прва општинска фотелја во Сарај, која важеше за негов бастион. Со ваквиот исход, ДУИ засега ги задржува позициите, но дали ќе го задржи и целосниот монопол на општините, ќе биде извесно по финишот од вториот круг на локалните избори. Тогаш ќе се знае и дали независниот кандидат за градоначалник на Гостивар, Руфи Османи, ќе му ја преземе фотелјата на актуелниот градоначалник Невзат Бејта од ДУИ. Резултатите по првиот круг во кои Османи убедливо води во однос на Бејта укажуваат дека по две седмици таму ќе се води најжестоката борба. Секако, мора да се има предвид дека во вториот изборен круг пресуден ќе биде и договорот за коалициона соработка меѓу владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. И тоа не само за оваа општина, туку секаде онаму каде што ДУИ претендира да ја освои општинската фотелја.
Османи вчера изрази жалење што за неколку проценти не ја извојувал победата во првиот круг, но затоа вети убедлив резултат на следниот изборен круг. Тој информираше и дека има освоено мнозинство во Советот на Општината. Веднаш по изборите најави и формирање политичка партија.
„На овие избори добив гласови од сите граѓани на општината Гостивар, без разлика на политичката, етничката и верската припадност. Затоа сум горд што сите граѓани ме прифаќаат како човек кој ќе се грижи за нивните проблеми. Откако ќе ��а завршиме оваа демократска битка, ќе се профилираме во нова политичка партија“, најави Османи и додаде дека по стапувањето на функцијата градоначалник, ќе поведе борба против сите што биле вмешани во урбанистичката мафија, меѓу кои и градоначалникот Бејта.
Партијата на Али Ахмети во првиот круг ги освои Дебар каде што Аргетим Фида доби уште еден мандат, потоа Желино, Зајас, Осломеј и Сарај, а во повеќето општини со мнозинско албанско население ДУИ е во значително водство во однос на ДПА и Нова демократија.
Интересно ќе биде како ќе заврши вториот круг во Струга и во Чаир и дали актуелните градоначалници Рамиз Мерко и Изет Меџити од ДУИ ќе ги задржат фотелјите или во наредниот мандат нив ќе ги водат Фијат Цаноски од ПЕИ, односно Фатмир Етеми од Нова демократија. Се очекува битка гради в гради да водат и претендентите за градоначалничката фотелја на Тетово Хазби Лика од ДУИ и Сади Беџети од ДПА, кои првиот круг го завршија со изедначен резултат.
Во Арачиново во благо водство е Шефик Дураки на ДУИ, пред кандидатот на Нова демократија Басри Бајрами. Кандидатите на ДУИ и на Нова демократија ќе се сретнат во вториот круг и во општината Липково со ексминистерот Садула Дураки и Фаит Саити и во општината Студеничани Фати Исени и Регаип Мустафа. Во тетовска Брвеница битката ќе ја бијат кандидатите на партиите од владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Бранислав Андоновски и Енвер Пајазити, додека кандидати на ДУИ и ДПА ќе се соочат во Врапчиште - Бајрам Кадрија и Митасин Беќири, во Теарце Исен Асани и Селејдин Бехадини и во Боговиње Хазби Идризи и Земри Асани.
По завршувањето на изборите во неделата, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, оцени дека изборите биле коректни, но не и фер, затоа што на избирачките места каде што ДПА добивала најмногу гласови имало и најмногу полиција. Тачи рече и дека кандидатите на ДПА биле во блага предност во Тетово и во четири тетовски општини и дека влегуваат во вториот круг. |