ОДИХР: Изборите се чекор напред за Македонија
Изборите ги исполнија повеќето меѓународни стандарди за одржување демократски избори
Тамара Грнчароска
Изборите ги исполнија повеќето меѓународни стандарди за одржување демократски избори, е прелиминарниот заклучок од меѓународните набљудувачи на ОДИХР за изборите, иако остануваат некои предизвици и елементи што мора да бидат решени. „И покрај некои помали проблеми, изборите беа важен чекор напред и тоа треба да продолжи во вториот круг“, изјави шефот на мониторинг-мисијата на ОДИХР за изборите, Питер Ајкер. Според него, процесот беше мирен, но постојат и други елементи, пред се' притисоците и заплашувањата, точноста на избирачкиот список, чесно администрирање на изборите, слободното изјаснување, кои мора да бидат решени и за кои не постои простор во еден демократски процес. Ајкер особен акцент стави на заплашувањето на избирачите, особено од редовите на јавната администрација, што мора да биде решено.
„Властите и главните политички актери извлекле позитивна лекција од изборите во 2008 година“, изјави Мариета д’Пурбе-Лундн, шеф на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за изборите, со констатација дека безбедноста на овие избори била значително подобрена и овие избори направиле напредок во воспоставувањето доверба на граѓаните преку еден демократски процес.
Пија Крисмас Мулер, специјален координатор на краткорочните набљудувачи на ОБСЕ, пак, рече дека „изборниот ден, се' на се', е оценет како позитивен“. Таа изрази задоволство од тоа што земјата направила бројни чекори на патот кон демократијата, особено по насилните избори од минатата година, што е и чекор напред за евроинтегрирањето на Македонија. Сепак, според неа, остануваат некои прашања кои до следните избори мора да се решат, како што се, на пример, бавната легална процедура против прекршителите од ланските избори, недоволно прецизната изборна регулатива, отсуството на крајни рокови за некои судски одлуки во врска со изборните жалби, нецелосниот увид во финансирањето на кампањите, семејното гласање во општини доминантно населени со Албан��и.
Сепак, како една од битните работи што ги подвлекоа странските набљудувачи вчера е точноста на гласачките списоци во кои, според нив, бројот на регистрирани избирачи не соодветствува на бројот на жителите на Македонија. „Неверојатно е земја од малку над два милиона жители да има речиси 1,8 милиони гласачи“, рече Мулер. „Изборните списоци треба да имаат темелна ревизија до другите избори“, порача Ајкер. Странските набљудувачи посочија дека неточниот број на гласачи го загрозуваат и изборниот цензус.
Кампањата, според набљудувачите, поминала во добра атмосфера, иако некои од кандидатите говореле по етничка линија, а политичките партии и кандидатите се држеле главно во рамките на својот етникум.
Работењето на Државната изборна комисија беше оценето како одлично.
Шефицата на делегацијата на Конгресот на локални и регионални власти, Људмила Сфирлоага, изнесувајќи го ставот дека изборите ги исполниле демократските стандарди за одржување избори, изрази жалење што локалните избори поминале во сенка на претседателските, иако нивната важност за носење одлуки не е ништо помала. Според неа, голем дел од нерегуларностите забележани на денот на изборите биле најмногу процедурални. Проблеми се јавиле поради сложената процедура на гласање и недоволната обученост на членовите на избирачките комисии, несоодветните гласачки места според бројот на гласачите, несоодветното пребројување на гласовите. Сфирлоага имаше забелешка и за многу кратката кампања за дебата на кандидатите за локалните избори. Таа била шокирана и од фактот што на денот на изборите се пушело на гласачките места во училиштата и во градинките, каде што утредента требало да престојуваат деца.
Финалниот извештај за изборите ќе биде објавен по конечното завршување на изборите и сумирањето на информациите од двата изборни круга. |