Број 3270  четврток, 29 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Писмо од Лондон

Жените што претендираат на „кафезот“ во Даунинг стрит

Томислав Ивановски

Новата генерациЈа сопруги на британските политиЧари со сите сили им помагаат на своите сопрузи како премиери да влезат во Даунинг стрит 10

ЛОНДОН - Шери Блер, сопругата на поранешниот британски премиер, Тони Блер, напиша книга за брачните партнерки на политичарите што ја предводеле владата на Велика Британија, додека заедно со нив престојувале во службената резиденција во лондонската Даунинг стрит 10. Иако госпоѓата Блер и самата беше цели десет години сместена во не многу угледната зграда од темни цигли, во исто време, продолжувајќи да ја гради својата кариера на угледен адвокат за човекови права, во книгата улогата и положбата на жените на премиерите таа ја спореди со онаа на птиците во кафез. За неа овде малкумина мислат дека Шери Блер била во кафез и дека декадата помината како сопруга на премиер ја минала како некаква „заробена птица што не може да излезе надвор“, бидејќи нејзиниот темперамент, ангажманот надвор од дома во нејзината професија и спремност за полемизирање со весниците, предизвикуваше таа понекогаш да биде и почесто присутна во лондонските таблоиди, отколку самиот Блер. Знаеше понекогаш поради тоа да му создаде проблеми, но, сепак, таа никогаш не се вмеша во политиката, не учествувајќи ниту во случувањата на партијата, ниту во многубројните изборни кампањи што лабуристите под водството на Блер ги водеа на национално или на локално ниво.

Таа и таква Шери, сепак, и натаму остана на уверувањето дека во целина гледано, сопругите, додека го „служат мандатот“ со своите брачни партнери, се „наоѓаат како во кафез“. Годинешнава британска изборна кампања, меѓутоа, покажува дека новата генерација сопруги на домашните политичари не само што не бегаат од тоа да бидат ставени во „кафезот“ во строгиот центар на Лондон туку и со сите сили помагаат, покрај своите сопрузи во нивната трка за идниот премиер на земјата, да влезат во „кафезот“ што (според Шери Блер) треба да им го згорчи животот. Сопругите на актуелниот премиер Гордон Браун, како и на опозициските лидери Дејвид Камерон и Ник Клег, од почетокот се активно вклучени во предизборната кампања, при што за секоја од нив има посебни тимови од советници и „надгледувачи“, од тоа како да се облечат, до тоа како да се однесуваат и што и колку да зборуваат, ако им се даде таа можност.

Сара Браун, која од почетокот на јули 2007 година живее во Даунинг стрит 10, во кампањата е покрај сопругот Гордон од првиот момент и во секоја пригода. Засега нема учествувано активно во некоја од многубројните дебати, но таа не се дели од актуелниот премиер каде и да тој престојува. Саманта Камерон се појави во почетокот на кампањата, но се покажа дека таа не го следи лидерот на ториевците на секој чекор. За разлика од Сара Браун, поубавата половина на Камерон неколкупати се појави сама, со свои настапи пред активистите и симпатизерите на партијата, настојувајќи да го пренесе (пред женската публика), на свој начин она што сопругот Дејвид постојано го зборува за „новата конзервативна алтернатива“. Миријам Клег беше покрај својот сопруг на стартот на изборната трка во почетокот на април, но потоа „се загуби“. Нејзиниот сопруг и лидер на либералдемократите го објасни тоа со зафатеноста на сопругата, инсистирајќи дека таа е „вработена жена и мајка“ и дека нема време за трчање по изборните единици во земјата. Сепак, госпоѓата Клег се појави покрај Ник во деновите од викендот, секаде и на секое место каде што беше тој, без да се вклучува во она што го застапува тој.

Сето тоа е сосема ново во британската политичка практика и претставува дел од американизацијата на овдешната политика. Колку и левичарите и либералите да се противат на тоа, што беше една од главните забелешки на стилот со кој Тони Блер управуваше со владата и со земјата, токму од овие кругови доаѓаше притисокот за јавни телевизиски дебати, по углед на ТВ-дуелите во САД, како и за извлекување во предните позиции на сопругите на партиските лидери, кои досега беа во „кафез“ или во „длабока сенка“. Не се знае дали на госпоѓата Блер и' пречеше тоа што сопругот Тони никогаш не ја водеше за рака по партиските митинзи и средби, ниту ја тераше да зборува на партиските конференции, но токму сопругата на Браун беше првата и засега единствената што се искачи на сцената и на последните две лабуристички конференции, токму таа зборуваше за лидерот и премиер како за најдобар политичар и сопруг. По неа Камерон и Клег ги покажаа своите животни избранички, но не им дадоа никаква партиска улога. Таа новина при јавниот настап на новите британски политичари, во годинешнава изборна трка добива поголема димензија, зашто во „американизацијата“ се вклучија медиумите, а особено весниците. Па така, сега се зборува за тоа што носи секоја од жените, како се облекува, каде е купена облеката, до тоа чија марка се делови од облеката што ги натера противниците на овој стил, досега познат, главно, по претседателските кампањи во САД, цинично да забележат дека веќе им недостига времето кога гласачите и не знаеја која е жената на политичарот што се бори да биде премиер на земјата, како и дека им фали времето кога никој не водеше сметка за сакото на Денис Тачер, додека неговата Маргарет ги убедуваше Британците дека е „готово веќе со лабуристите“.

Повеќе од 30 години оттогаш, сега велат дека било многу важно Сара Браун да биде облечена прописно (политички) и како што треба, така за да и' се допадне на онаа „средна Англија“ што нејзиниот сопруг треба да ја освои за да остане премиер. Во тоа и' помага цел тим од луѓе, меѓу кои и една од советничките на актуелниот шеф на влада Сју Нај, па госпоѓата на премиерот, внимава да не се облече прескапо и премногу отмено за да не заличи на политичките противници. Во ториевскиот табор, пак, имаат задача да ја направат Саманта да биде (женското) продолжување на политичката линија на Камерон и блиска на онаа „средна Англија“ на која тој и (новите) конзервативци претендираат да ги освојат. И таа е опкружена со советници, но излегува дека целата оваа работа и' е полесна, затоа што е израсната во светот на модата и дизајнот, па тврдат дека „не може никогаш да биде лошо фотографирана“. Мајка и' е основач на синџирот, овде угледни бутици за скапа дизајнирана стока „Анабел Џонс“, а татко и' е 12. наследно колено од средновековниот ред на темпларите, што нема врска со естетиката и облекувањето, но го зголемува нејзиниот висококласен имиџ. Медиумите од противничкиот „левичарски“ табор, што се обидоа да му се потсмеваат на ова од „идеолошки причини“, се повлекоа, откако таа почна да се облекува негламурозно и не дозволи тоа што е четврти пат бремена да биде дел од изборната пропаганда.

Сопругата на лидерот на либералдемократите, Миријам Клег, ќе останеше во сенка, како трета во ова друштво, според партискиот рејтинг во 2005 година и пред тоа, доколку Ник Клег не направеше изненадувачки пробив напред по првата ТВ-дебата. Неговиот настап на политичар што заговара напуштање на досегашната „шема“ на малку лабуристи, малку тори, па потоа се одново, фер општество и се прикажува како „народен трибун“, не е толку народен, а ни сопругата не е некоја од „широките народни маси“. Таа е Шпака што ја запознал Клег во Брисел, додека и двајцата специјализирале по студиите во ЕУ. Досега се немаше вклучувано во политичките кампањи покрај сопругот, откако тој во есента 2007 година беше избран за лидер на својата партија. Има и за неа советник во текот на овие избори, една Германка, што се огледува и во нејзиното однесување и облекување. Се држи понастрана од Клег, не се облекува воопшто евтино што би одговарало на „левичарските гледања“ на нејзиниот сопруг, а (велат) се шминка како Пенелопе Круз, што овдешните стилисти велат дека само го заокружува нејзиниот „европски стил на облекување и однесување“.

Со нивното вклучување во предизборната кампања се настојува да се поведе женското гласачко тело од сите генерациски возрасти и да се насочат нивните гласови кон кандидатурата на нивните сопрузи политичари. Впечаток е дека тоа нема да има којзнае поголем ефект од порано, затоа што жените и онака веќе му беа понаклонети на Камерон, а од скоро и на Клег, поради нивниот шарм (а, и младоста), наспроти Брауновата постојана намуртеност и нефотогеничност (и возраста секако, зашто тој има 59 години). Другиот мотив за внесувањето на „женскиот фактор“ во изборната кампања на тројцата политички лидери е искажувањето на семејните вредности (како и во САД), каде сите се подеднакво добро поставени. Гордон и Сара имаат две деца (едното, родено инвалид, им почина), Дејвид и Саманта се родители на две деца, првото им почина минатата година, кое беше родено со непоправлив хендикеп, а Ник и Миријам имаат три деца и сите три двојки нема ништо ни приближно што личи на она што се случува околу Берлускони во Италија или Саркози во Франција, за да треба некој сега низ кампањата да го изгладува нивниот семеен имиџ. Како и да е, пред 13 години Шери Блер ги шокира Британците, но ја зголеми уште повеќе популарноста на нејзиниот сопруг кај народот, кога се појави во ноќница и разбушавена од спиење, пред вратата на нивниот приватен дом за да прими букет цвеќе за изборниот триумф и одењето во Даунинг стрит 10. Како сега стојат работите, малку е веројатно дека таа слика на „народна жена“ Британците одново ќе може да ја видат на 7 мај годинава, кога ќе се знае која од сегашниве брачни двојки ќе се пресели во премиерската резиденција, колку и Сара, Саманта и Миријам да се обидуваат да изгледаат поразлично и поблиску до народот од госпоѓата Блер.


#
Статијата е прочитана 1414 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Зденко
стил 482
Јајцата како оружје
Власта молчи за пораките од дипломатите
Исланд - природата е главна
Стопанството на принуден пост
Кавказ - татковина на руската мафија
Лекови со сини картони нема
Годините за пензија колку и животниот век
Полицаец принудувал две девојчиња на проституција
Мујо и Хасо, Made in Macedonia
Владата и дипломатијата
Домашна ТВ-серија е како домашна храна
Годишнина од масакрот во Вејце
Големиот тлеечки оган од срцето на Земјата
Студен ветер од Бугарија
Средби на Велјаноски во Пекинг