Поглед
Јајцата како оружје
Тамара Грнчароска
Како на филм. Светот вчера го обиколија снимки и фотографии од тепачката на пратениците во украинскиот парламент. Опозицијата во Украина во вторникот навистина демонстрираше протести - фрлаше чадни бомби и јајца врз владејачките пратеници и врз спикерот, незадоволна од продолжувањето на договор за останување на руската Црноморска флота на Крим уште 25 години.
Отворени чадори, развеани украински знамиња, чад меѓу пратеничките клупи, исто како на фудбалски натпревар. Но, прашањето е како опозицијата успеа да внесе толку јајца во парламентот? Па, зар украинската полиција не ги проверила пратениците на нивниот пат кон Собранието дали поседуваат јајца, па да ги казни со неколку стотици евра за тоа. За секој случај. Да не им текне да фрлаат врз власта. Така барем се прави кај нас.
Кај нас ако тргнеш да протестираш против власта, и тоа на улица, полицијата бара јајца и казнува ако најде некое, ни повеќе ни помалку - туку со по 200 евра.
Е, така се спречува желбата и намерата кај незадоволните за фрлање јајца врз владини и други јавни институции, а не дај боже врз некој владин функционер.
Истовремено, се превенира загадување на околината и се заштедуваат средства кои би се потрошиле за чистење на остатоците од скршените јајца. Така да се казнуваше за поседување пиштоли, „калашњикови“ и ножеви во земјава, буџетот ќе ни беше полн, а и стапката на криминал и убиства ќе беше намален.
Но, по Украина стана јасно зошто полицијата претресува во потрага по јајца, а не по пиштоли. Јајцата се покажаа како најопасно оружје во искажувањето на незадоволството против некоја власт, дали тука, дали во украинската Рада. |