Мислења
Мујо и Хасо, Made in Macedonia
Петар Арсовски
Најголемите партии се приземни, навредувачки и на ниско етичко ниво, без сериозна понуда на решенија и насочени кон напад на противникот
Се' почесто настапите на најголемите партии во Македонија потсетуваат на размена на реплики меѓу Мујо и Хасо. Приземни, едноставни, навредувачки и на релативно ниско етичко ниво, без сериозна понуда на решенија, туку генерално, насочени кон напад на противникот. Последните критики од најголемите амбасади, кои го забележуваат недостатокот на суштински политички дијалог, само го потврдуваат феноменот што одамна се развива на македонската политичка сцена: генерално, опаѓање на нивото на политичка комуникација и политички дискурс. Некои од причините за оваа појава се објективни и се генерална последица на еволуцијата на политичкиот маркетинг во Македонија, но има и многу карактеристики - ендемски, автохтони, кои, условно речено се - Made in Macedonia.
Една од најглавните причини за овој феномен е глобалното намалување на политичка публика, која ги тера политичките актери да станат шоумени. Во светот, а особено во земјите што излегуваат од транзиција, често се случува брза пролиферација на медиуми, продор на нови медиумски содржини и алтернативни начини за поминување на слободното време, па со тоа, генерално, се намалува бројот на граѓани што се тековно заинтересирани за политика. Ако само наброиме „Фејсбук“, Јутјуб“, ВХ-1, Ем-Ти-Ви и другите 60 ТВ-канали (до пред 5 години имавме 6), многуте магазини, неброените Интернет-портали и социјални мрежи, како и генералното отворање на медиумскиот простор, јасно е дека сега има многу со што може да се помине слободното време, па затоа публиката за политика е во опаѓање. Оваа појава ги тера политичките актери да се борат за својот простор во времето на гледачите, па така, борејќи се за минута повеќе во вестите, тие стануваат „инвентивни“, прават кампањи, сечат ленти на секое селско чешмиче и смислуваат други начини да добијат внимание. Кај младите демократии тоа се манифестира, меѓу другото, со зголемување на агресивноста во партиските настапи, метастазирање на негативна кампања и партиско пинг-понг препукување, се' во обид да се добие медиумско, па и гласачко внимание.
Втората причина е интерната партиска динамика. Партиите во Македонија се' уште го доживуваат политичкиот опонент како исконски непријател и оваа омраза е особено истакната во внатрепартиските кругови. Ксенофобијата и ефектот на разбројување на табори доведува до вечна војна, во која нема простор за милост или соработка, туку само за истребување. Така, во партиските ходници се промовира комуникациска култура, која повикува на напад, навреди, остра реторика и агресивни настапи. Соодветно на ова, секоја стратегија или обид за поконструктивна комуникација или посмирен политички дискурс, внатре во партијата се толкува како слабост, па партиските центри за комуникација и портпаролите се под интерен притисок да напаѓаат, да плукаат и да се спротивставуваат.
Дополнително, партиите во Македонија создаваат и имплементираат стратегија за политички маркетинг со спорадична помош од агенции, оставајќи најголемиот дел на комуникацијата да се создава стихијно, без професионална и стручна поддршка. Со оглед на нивната внатрешна корпоративна култура, не е чудо што настапите изгледаат како што изгледаат. Гуруата за политички маркетинг брзо би сфатиле и би имплементирале сеопфатна стратегија, која не е само насочена против опонентот, туку паралелно работи на автентична и издржана позитивна понуда. За жал, партиите во Македонија сметаат дека знаат се'. За едноставна работа, како, на пример, промена на масло во партиските автомобили, не се двоумат да ангажираат стручен мајстор, ама за најважниот дел од нивното работење, политичката комуникација со електоратот, применуваат плукни-залепи стратегија, во стилот „направи сам“.
На крајот, глобализацијата на политичката понуда, како и зацртаниот пат по кој ќе се движи Македонија во нејзиното приближување кон НАТО и кон ЕУ, оставаат малку простор за различна партиска идеологија. Програмите на сите партии мора да ги имаат истите основни постулати, па така борбата се сведува на ПР, односно партиски настапи. Затоа, нормално е да се очекува тие да бидат агресивни, остри и очајнички. Ништо друго не им преостанува.
Сепак, најголемиот проблем кај оваа појава е што таа кај општиот електорат поминува неказнето. Генерално, ниското ниво на граѓанската политичка култура создава амбиент на некритичка публика, кај која недостасува повратна спрега да ги казни партиите за нивното однесување. Реакцијата на овие појави се' уште е сведена на изјави на меѓународната заедница, на протестите на малцинството интелектуалци и анестетизираното граѓанско општество. Додека овие малку се бунат, мнозинството останува тивко, па со премолчување го дозволува овој начин на комуникација и однесување. Последиците се лесно предвидливи: истите симптоми на овој феномен само ќе се засилуваат со неговото опстојување. Така, ако партиите не го подигнат нивото на политички дијалог и комуникациски дискурс, треба да се очекува уште помала публика за политика, цинизам и апатија кај гласачите, а со тоа и продолжување на трендот на се' помал одѕив на избори, засилување на синдромот „сите се исти“ и, општо земено, разочарување во политиката, па со самото тоа и во политичките партии.
Кај партиите овој феномен, генерално, ќе продуцира дополнително стеснување на политичката визија. Иако партиските „стратези“ во Македонија не го знаат тоа, статистиката покажува дека авторитарноста на електоратот е временски ограничена, а еманципацијата на гласачите, иако не е екстровертна, постои на инстинктивно ниво. Со други зборови, иако најголемиот дел од мнозинството ќе го следат амбивалетно „лидерот“ до некаде, постои тенка граница кога граѓаните инстинктивно чувствуваат кога некој им продава популизам, наместо да им понуди суштинско решение, па дури и болно. Луѓето очекуваат понуда од партиите, која се однесува не на она што велат дека го сакаат, туку на она што навистина им треба, а со тек на време научуваат да ја препознаваат разликата. На долг рок, постојниот начин на политички дијалог е осуден на пропаст за оние што го практикуваат, но е прашање на време.
Конечно, партиите неизбежно ќе се професионализираат, па ќе научат да продуцираат пософистицирани пораки, медиумски настапи и сеопфатна стратегија, која вклучува и позитивна понуда. Ќе се еманципираат и гласачите, па партиите ќе добиваат брза казна за популизам, неконструктивност или теснопартиско плукање. Ваквата еволуција на политичкиот дијалог е универзална и се случила кај многу демократии низ процесот на нивното созревање. Прашањето е дали ќе почекаме да се случи оваа неизбежна еволуција спонтано и да трае една декада или, сепак, ќе научиме од другите слични примери и ќе престанеме да произведуваме политика со етикета (која е истовремено и изговор), Made in Macedonia.
(Авторот е магистер
по политичка комуникологија) |