Лекови со сини картони нема
Фондот за здравствено осигурување се пофали дека поевтинил голем број лекови со сини картони, ама пациентите не можат да ги најдат во поголемиот број од аптеките. По некој лек единствено може да се најде во аптеките во помалите градови. Ако лековите ги нема во Скопје, за нив може да се тркне до Виница, Берово...
Со новата формула за референтни цени, односно цени на лековите што ги признава Фондот, бројот на лекови без доплата е трипати поголем. Или од 77, сега има 209 генерички лекови, за кои пациентите нема да доплаќаат, освен за партиципација.
Со новиот модел на Фондот за распределба на парите за лекови од позитивната листа по аптеките, лековите со сини картони се потрошија уште пред десетина дена и рафтовите зјаат празни.
Директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова призна дека има недостиг од лекови, но тврди дека не се намалени парите за лекови од позитивната листа на рецепт. Формулата за распределба на квотите на аптеките за лекови од позитивната листа ќе се надградува секој месец. За директорката Парнаџиева-Змејкова ова не е никаков експеримент со лековите од позитивната листа, односно ќе ги почекаат резултатите на крајот од месецот. Потоа ќе согледаат какви чекори натаму ќе преземат.
Но, и без да се сумираат резултатите, квотите на аптеките повторно се намалени. Ова го тврдат и во Фармацевтската комора.
Директорката Паранџиева-Змејкова се правда дека е извршена нова прераспределба на квотите, само во оние аптеки каде што имало намалување на бројот на фармацевтските тимови или промена во составот на фрамацевсткиот тим.
Дали парите за скапите лекови што првпат се издвоени од месечните квоти на аптеките, се проблем што нема лекови. Првиот фондовец го негира ова. „Секој аптека што сака да издава скапи лекови треба да потпише анекс на договорот“, додава Парнаџиева-Змејкова. Таа не кажа точно колку аптеки досега имаат потпишано вакви анекси, ниту колку фактури за скапи лекови се платени. А парите за скапи лекови, според Парнаџиева-Змејкова, се околу 100 милиони денари. Како тие се стопија од 300 милиони денари на 100, од Фондот објаснија дека 200 милиони денари биле за маржата на аптеките.
При препишувањето и издавањето на лековите со сини картони, директорката напомена дека лекарите и аптекарите треба да ги информираат пациентите прво за лековите без доплата. Притоа, негира дека на овој начин Фондот ја сугерира терапијата за болниот.
Министерството за здравство заедно со Фондот ги контролира аптеките. „Доколку се согледа дека Правилникот за квотите е причина за недостигот од лекови, тој ќе се ревидира“, изјави министерот за здравство, Бујар Османи. (Ј.Ј.) |