Годишнина од масакрот во Вејце
Првпат по девет години, чествување на местото на злосторството
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Првпат по девет години, вчера во Вејце, местото каде што се случи едно од најтешките злосторства во конфликтната 2001 година и каде што загинаа осум припадници на АРМ, се одбележа годишнина од настанот. Во месноста Бреза е поставена мермерна спомен-плоча на која се испишани имињата на загинатите.
Чествувањето за убиените специјалци го организира Здружението „Достоинство“, а присуствуваа родители, членови на нивните семејства и роднини. Присутните положија букети свежо цвеќе и запалија свеќи. Одбележувањето помина мирно, достоинствено, но и емотивен, а најблиските не можеа да ги скријат солзите за своите најмили.
По овој повод повод, делегации на АРМ вчера положија цвеќе на спомен-обележјето пред командата на баталјонот за специјални намени „Волци“ во касарната „Илинден“ во Скопје и пред спомен-обележјата во село Бунарџик, во Македонска Каменица, Куманово и на градските гробишта во Бутел -Скопје.
„Дојдовме да се поклониме на местото каде што беа ѕверски убиени нашите деца. Тие ги дадоа своите млади животи за Македонија“, со солзи во очите и немир во душата им се обрати на присутните во Вејце, Живко Божиновски, татко на загинатиот припадник на МВР, Марјан Божиновски од Битола. „По девет години, успеавме организирано да го посетиме местото на трагичниот настан. Во 2001 година тука дојдов само еден ден по трагедијата, доживувајќи тешка траума на самото место“, рече претседателот на „Достоинство“, Стојанчо Ангелов.
Марин Најдов, претседател на разгранокот „Достоинство“ од Тетово ја изрази почитта за загинатите бранители, нагласувајќи дека сеќавањето е болно. „Храброста беше основна карактеристика на овие наши соборци. Тие го надвладеаја стравот од непознатото, од неизвесноста и храбро тргнаа во одбрана на земјата, впишувајќи се во листата на најголемите синови на Македонија“, рече Најдов.
Во исто време во Соборната црква „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово се одржа панихида за покој на душите на осумтемината, со која чиноначалствуваше прота Мирко Станковски.
На 28 април 2001 година организирана диверзантско-терористичка група на ОНА, во која имало 30-ина до заби вооружени терористи го нападнаа конвојот од четири возила на АРМ и МВР и на ѕверски начин ги убија и живи ги запалија Роберт Петковски од Бунарџик, Бобан Трајковски од Куманово, Игор Костески од Скопје и Миле Јаневски од Македонска Каменица, сите припадници на „Волците“ на АРМ и Марјан Божиновски од Битола, Илче Стојановски од Породин, Кире Костадиновски од Горно Оризари и Бошко Нај��овски од Долно Оризари, Битолско од единицата „Тигри“ на МВР. |