Неодолива привлечност на автономијата
Распаѓањето на федерацијата на Холандските Антили се одвива организирано и мирно колку што може.Од октомври годинава Курасао, Сент Маартен, Бонар, Саба и Сент Евстатие тргнаа по одделни патишта - но само до една точка. Островите Курасао и Сент Маартен станаа самоуправувачки територии, следејќи го примерот на Аруба, шестиот остров во Карибите каде што се зборува холандски, кој се отцепи во 1986 година. Но, сите ќе останат под холандската круна. Трите најмали острови - Саба, Бонар и Сент Евстатие - станаа прекуокеански општини, со сличен статус на градови во Холандија.
Привлечноста на автономијата во најнаселениот остров Курасао (142.000 жители) е очигледна. Ќе биде преземен владиниот капитал, како што е големата нафтена рафинерија и едно од најголемите пристаништа на Карибите, двете лоцирани во главниот град Вилемстад, како и даноците од успешните туристички и офшор-банкарски индустрии. Холанѓаните дарежливо ќе платат 70 отсто од долгот на федерацијата, што изнесува 3,3 милијарди долари. Локалните лидери имаат амбициозни планови да развијат нови пристанишни објекти и хотели, и да го модернизираат кејот.
Холандија ќе продолжи да ја води надворешната и одбранбената политика. Тоа би можело да биде добро. Курасао ризикува напнатост со силниот сосед. Хуго Чавез, левоориентираниот претседател на Венецуела, е против тоа САД да го користат островот како база за извидувачки летови над Карибите во борбата против дрогата. Нафтената рафинерија е изнајмена до 2019 година, од државната нафтена компанија на Венецуела ПДВСА, за 18 милиони долари годишно. ПДВСА ја користи за да рафинира 200.000 барели нафта дневно, што е значително помалку од нејзиниот капацитет.
Судот нареди рафинеријата да ги намали емисиите на сулфур диоксид или во спротивно ќе се соочи со високи казни. Претходно ПДВСА предложи реорганизација, но само ако биде дозволено да се купи рафинеријата. Меѓутоа, Курасао сака одново да преговара, кога ќе може, за да добие повисок надомест, вели Дејвид Дик, комесар за економски прашања.
Покрај надежта за одбранбен штит, приврзаниците за автономија сакаат континуирана врска со Холандија, што ќе помогне да се спречи корупција. Мало но гласно движење бара независност и поблиски врски со Јужна Америка. „Зошто треба да минуваме преку Атланскиот Океан за да разговараме со нашите соседи?“, прашува Хелмин Вилс од Советот на островот Курасао. Животот по 10 октомври можеби нема да биде толку организиран.
(Економист)
|