Меркел - непријател број еден за банкротираните
Во очите на загрозените Европејци, Германија повторно е семоќна и арогантна
Берлин - Деновиве сите зборуваат за германската канцеларка Ангела Меркел - и поголем дел од тоа што имаат да го кажат не е за пофалба. Нејзиниот план да се создаде механизам за банкротство за земјите од еврозоната, велат тие, ја влоши должничката криза во Ирска и на други места. Меркел, некогаш мошне почитувана, сега е во немилост.
Не толку одамна канцеларката на Германија беше ѕвездата на Европа - градителка на консензус, која се позиционираше како лидер на напорите да се спаси светот од глобално затоплување. Всушност, тоа изгледаше како време во кое Меркел беше на пат да стане европски политичар, почитуван секаде, како што беше Хелмут Кол во свое време.
Сега, сепак, се чини дека крајното наследство на Меркел е понејасно од кога и да е. Уште откако независната должничка криза почна да ја тресе еврозоната, Германија беше цел на критики почесто отколку што беше во долг период. Имиџот на канцеларката е значително нарушен. Европските весници деновиве се полни со Меркел, која изгледа налутено и сериозно. Среде европската криза се врати поранешниот имиџ на грдата Германија - семоќна и арогантна. Жалејќи се поради товарот од кризата со еврото, Ирска се гледа како жртва на германската вообразеност. Ирскиот печат пишува за „неоколонијализам“. Еден од најголемите весници во земјата „Ајриш индипендент“ го цитира политичарот на Фајн Гаел, Мајкл Нунен кој вели: „Дали може да прашам, ова ли е тоа за кое гинеа луѓето од 1916 година: помош од германскиот канцелар со неколку фунти симпатија од британскиот премиер настрана?“
Германија и Меркел, поминуваат низ стрес-тест. Претседателот на еврогрупата, премиерот на Луксембург, Жан-Клод Јункер, искажа лична загриженост за европската политика на Германија, без директно да ја именува канцеларката. „Ме загрижува тоа што во Германија федералните и локалните власти бавно губат увид во европското јавно добро“, рече тој. Потпретседателот на Европскиот парламент, Силвана Кох-Мерин, рече: „Речиси секој спикер во Европскиот парламент ја спомна Германија последниве недели - тоа е нешто што не сме го виделе долго време“.
Германската канцеларка се наоѓа во тешка позиција. Земјата се откажа од саканата и стабилна германска марка поради еврото; сега Берлин бара далекусежни мерки на штедење во Ирска, како што беше случај со Грција пролетва. Таквите барања се далеку од популарни во земјите за кои станува збор. Тие се посебно непопуларни, бидејќи многу од земјите кои сега најмногу страдаат во должничката криза ја обвинуваат Меркел дека е делумно одговорна за влошувањето на работите. Кон средината на октомври, таа и францускиот претседател, Николас Саркози, најавија планови за создавање на механизам за банкротство за земјите од еврозоната - предлог за реструктуирање на долговите што предвидува инволвирање на приватни инвеститори доколку една земја веќе не е во можност да ги плати. Но, уште од таа најава каматните стапки на независните обврзници на многу задолжените земји, како што се Грција, Ирска, Шпанија и Португалија, вртоглаво се зголемија, и за нив стана премногу скапо да зајмуваат пари од финансиските пазари - и да ги враќаат своите долгови. Како резултат на тоа, фрустрациите се огромни. „Меркел предизвика зголемување на ризичните премии“, гласеше неодамнешен наслов во португалскиот најголем дневен весник „Журнал де нотисијас“. Влијателниот шпански дневен весник „Ел паис“ пишуваше за „неснаодливоста на европските лидери“. Во написот се тврди дека Германија ненамерно многу ги влошила работите за Ирска, барајќи приватни инвеститори да бидат делумно одговорни за загубите. „Можеби тоа не е лоша идеја - но зошто прво да се најавува?“, праша видно збунет коментатор.
Целта на Меркел да ги натера сопствениците на независни обврзници од приватниот сектор да ги споделат трошоците доколку државата стане несолвентна и' е со намера да ја покаже својата определба да го ребалансира системот што е надвор од рамнотежа. Многу германски даночни обврзници се прашуваат зошто тие треба да ја платат целата сметка за метежот во кој, исто така, многу се инволвирани банките. „Политичарите го имаат зборот, не компаниите“, изјави Меркел пред Бундестагот.
Тоа звучни храбро. Единствениот проблем е што плановите на Меркел за иден траен механизам за кризи веќе ги направи финансиските пазари крајно нервозни. Ако помалите земји-членки на ЕУ требаше да го следат германскиот пример, тие не ќе можеа да најдат купувачи за нивните обврзници, и ќе завршеа така што не ќе можеа да ги вратат своите доспеани долгови. |