Музиката на летото
Ѕвездите го темпираат маркетиншки периодот на издавање нови синглови и албуми пред летото со цел врвот на активностите да го вметне во летниот календар
Александар Митевски
Како што навлегуваме длабоко во летниот период и периодот на годишни одмори, секогаш музичките теми и нивната опсервација имаат по малку леснотија која се базира на ѕвездите и нивните сработени проекти кои го одбележуваат летото и нивните дестинации за одмор кои се менуваат секоја година. Во статистиката на светските музички списанија и сондирањето на радио и ТВ-програмите секогаш излегуваат таканаречените летни хитови или нумери и албуми кои го окупираат вниманието на јавноста и се врзуваат за летниот период. Ѕвездите конкретно и го темпираат маркетиншки периодот на издавање на новите синглови и албуми пред летото со цел конечниот пик на активностите да ги вметнат токму во летниот календар.
Звуците на летото
Како што обично се вели, летото не е лето доколку ги немате потребните реквизити како на пример костим за капење, очила за сонце и заразно леплива песна која ќе го одбележи летото и ќе ве потсетува на годишниот одмор и местото каде што сте престојувале. Ако пред две години тоа беше огромниот хит на Кејти Пери I Kissed a Girl која буквално се заглави во главата на слушателите и токму коинцидираше со летниот период, тогаш веројатно може да се присетите и на хитот Umbrella на Ријана која не се симна од звучниците на радио станиците, телевизиите, летните клубови и плажите во 2007 година. Минатото лето дефинитивно музичка нумера на летото беше лесната творевина на кубанскиот рапер Питбул кој насекаде атакуваше со својата препознатлива I Know You Want Me (Calle Ocho) и заразниот семпл на труба кој одѕвонуваше на сите летни моденски дестинации. Питбул е дефинитивно баран со својата музика и ова лето и е буквално букиран за целото лето, но сепак краде време за подготовка на дури два свои албуми кои ќе се промовираат на почетокот на есента. Своите стари и нови летни хитови тој моментално ги промовира на својата ударна летна турнеја насловена како Mr. Worldwide’s Carnaval и со музиката тој вели дека остварува возвишена задача, а тоа е да ги зближува и соединува луѓето без разлика на културните, јазични и расни бариери.
Тоа е мисијата и на хитовите кои ќе го одбележат и ова лето 2010,а се чини , барем сега засега дека најголеми шанси имаат песните кои се наѕираат веќе дека ќе ги окупираат плажите и радио станиците во текот на целото лето. Една од нив е и нумерата на младата Кејти Пери , California Gurls која ја направи во соработка со црномурниот рапер Снуп Дог и ги има буквално сите параметри што се потребни за еден летен жежок хит. Овој сингл е најава на нејзиниот албум Teenage Dream која наскоро го очекуваме и иако според многумина се работи за лесна летна лимонада, сепак експлоатирањето на медиумите говори сосема поинаку. Особено е интересно што оваа песна е противтежа на Емпаер стејт на Алиша Кис и е своевидна летна химна на Калифорнија и нејзините девојки, а Снуп Дог е воодушевен што е дел од една ваква музичка соработка.
Друг звук кој дефинитивно го одбележува ова лето е и нумерата Alejandro која деновиве атакува насекаде низ светските медиуми, а контроверзната Лејди Гага може да се пофали со фактот дека покрај успешната есенска и зимска сезона во својата кариера, дефинитивно е кралица и на летните подиуми. Овој леплив рефрен, напишан од неа заедно со Ред Уан буквално ги има зачините на Европа во себе и критичарите велат дека неодоливите цитати инспирирани од стилот на Швеѓаните АББА и некогашните летни херои Ејс оф Бејс и ја донеле успешната летна хитовска формула која е непогрешива и која ќе ги премине сите рекорди.
Од условно кажано, црнечката музичка сцена и нивната музика директни експоненти се соработката на Ашер и Вилајем за темата OMG и дефинитивно Rude Boy на Ријана кои истотака постојано одѕвонуваат на сите можни топ листи. Ријана е буквално распродадена за цела лето и во тек е нејзината летна турнеја Last Girl on Earth каде го исполнува својот голем летен хит и комплетниот репертоар, а како нејзина предгрупа е популарната млада пејачка Кеша која ги ужива симпатиите на публиката.
Актуелна во овој летен период е и популарната Кристина Агилера која атакува на сите сетила со нумерата I Hate Boys која има шанси да се бори за титулата хит кој ќе го одбележи ова лето. Таа неодамна го промовираше својот најнов, четврти по ред албум Bionic во кого вложила многу енергија и очекува конечно светот да погледне дека има и други изведувачи во светот освен глорифицираната Лејди Гага.
Огромен успех постигнува и одличниот Еминем кој свири насекаде со хитот Not Afraid и според многумина, овој старо-нов Еминем има големи шанси да биде претендент за еден од големите летни хитови. Неговиот огромен успех со новиот албум помалку го помати пробивот на новиот материјал на Кали Миног кој во Британија го симна од врвот, но според познавачите, одличниот негов проект допрва ќе ге освојува слушателите.
Вистински рецепт за летен хит е и нумерата Commander која е многу присутна на медиумите и го има препознатливиот потпис и ракопис на извонредниот француски диџеј и продуцент Дејвид Гета. Тој ја направи оваа нумера за Кели Роуленд и нејзиниот трети албум и извонредно ги одмери состојките, мешајќи аренби со електроника и хаус и тоа заедно со вонсерискиот глас на Кели направија огроменх хит.
Претенденти за летен хит се и Кери Андервуд со Undo It и Наташа Бедингфилд со Touch, а има и уште многу примамливи рефрени кои допрва ќе видиме како ќе се снајдат во огромната понуда на медиумскиот простор и жешките летни подиуми.
Славните музички ѕвезди и нивните омилени дестинации
Кога мечтаете за да дознаете повеќе детали од животот на вашите музички идоли и да ги дознаете нивните навики, секогаш веројатно сакате да дознаете и кои се тие места на кои тие сакаат да го потрошат својот заслужен одмор годинава. Тоа се секако и егзотични место како што и доликуваат на ѕвезди од таков формат, а едно од нив дефинитивно е Порто Рико и тоа е една од тие дестинации за кои не им треба воопшто пасош. Таму се препорачува популарниот Хотел Ел Конвенто кој е воедно историски и луксузен хотел во Сан Хуан кој почива на познатата шпанска колонијална архитектура и дизајн. Ѕвездите обожуваат кога се таму да јадат во познатиот Пикајо, реномиран карипски ресторан токму во Сан Хуан кој е место каде се мешаат многу мириси, зачини и храни, високо оценет од ригорозните критичари на храна. Во родното место на популарниот Рики Мартин, особено во стариот дел на градот е одлична дестинација за богатите ѕвезди и нивниот шопинг, а од културолошка страна има многу галерии и музеи кои треба да се посетат.
Џеј Зи и неговата сопруга Бијонси изгледа дека во текот на годините ги изгустирале егзотичните ресорти и острови каде беа чести гости, па така ова лето биле видено како се одмораат во градот на светлината - Париз. Во срцето на Париз е познатиот и луксузен хотел Фор Сизонс,а ѕвездите обожуваат да јадат во ресторанот Aux Lyonnais кој го води светски познатиот кувар Ален Дукасе.
Топ дестинација за ова лето ѕвездите ја препорачуваат и Сент Бартс, ексклузивен и преубав остров на Карипското море каде престојува цронумерестиот вокалист Џон Леџенд и неговата девојка. Таму е убаво да се престојува во хотелот Le Toiny во кој секоја соба фактички е вила со приватна тераса и базен, а најубава храна има во ресторанот Do Brazil кој е на сама плажа и ѕвездите уживаат во специјалитетите седејќи на самиот песок. Ѕвездите се восхитени од убавината на плажите во оваа дестинација и затоа прибегнуваат кон Сент Барт.
Неодминливиот Мајами е буквално летно сврталиште на големите ѕвезди и буквално живее 24 часа. Таму ова лето можете да ги видите и Паф Диди, Кели Роуленд, па Хел Бери на јужната плажа, а го обожуваат познатиот хотел EPIC во кој тие ја добиваат потребната приватност и луксуз, а сепак да не се многу одделени од бучавата и енергијата на Мајами. Ѕвездите уживаат во познатиот ресторан за морска храна на Џо Стоун и каде тешко се доаѓа до резервација на маса. Познатите личност одвај чекаат прилика да отидат и да го видат сафари паркот Еверглејдс каде вистински можат да избегаат од реалноста и да уживаат во друштво на дивите животни.
Хаваите се непогрешливо добра дестинација за меден месец и тоа секогаш е најдобро и најпосетено во текот на летниот период, а меѓу ѕвездите кои медениот месец го минаа таму се Свиз Битз и Алиша Кис, а таму оди и семејството Обама. Ѕвездите секогаш го одбираат хотелот Халекулани во Хонолулу, луксузен хотел кој е стациониран директно на плажата Ваикики. Најдобро јадење има во францускиот ресторан Ла Мер во склоп на хотелот, а уживање за сите сетила е Пацифичкиот океан каде сите посетители можат да пливаат и нуркаат.
Рокенрол концерти
Ова е дефинитивно добро жешко лето кое ќе биде исполнето со многу рокенрол концерти и интересот буквално за сите изведувачи се зголемува како што настаните се приближуваат. Стадионите и отворените простори ќе бидат резервирани за ѕвездите од типот на Роџер Вотерс,Јуту, Том Пети со неговите Хартбрејкерси, Ајрон Мејден, Сантана, Стикс, Стинг и многумина други кои турнејата ја конципираа токму во летните месеци.
Том Пети и неговите Хартбрејкерси се вистинско рок искуство кое мора да се погледне барем еднаш во животот. Уште повеќе аргументи за гледање на ова шоу е фактот што има одлична поддршка од Крозби Стилс и Неш. Најголемиот рок бенд моментално во светот и во концертирањето секако е ирскиот состав Јуту. Нивната турнеја која сеуште се одвива е можеби и најголемата концертна турнеја која продолжува и во текот на ова лето. Буквално Јуту им овозможува нивните фанови да погледнат една вистинско стадионско рок шоу со сите сегменти. Доколку сакате да се забавувате на малку јужњачки рокенрол и доколку сте обожуватели на легендарните Линард Скинард имате ретка шанса ова лето да ја посетите нивната God и Guns турнеја, а активен е латино легендата Сантана (кого имавме прилика да го видиме во Скопје) кој е неуморен на сцената и гори со својата легендарна гитара и перфектната мешавина на рок и латино звуци кои одлично одговараат на летните горештини. Класиците на хејви металот Ајрон Мејден се активни во летниот период и се решија на голема летна турнеја на која ќе ги свират нивните класици, а една од рокенрол варијантите кои не смеат да се пропуштат се двојниот концертен удар на легендите Форинер и Стикс. Овие рок легенди од 80-те со здружени сили ќе ги свират големите хитови како Jukebox Hero, Cold as Ice и Hot Blooded. Тука е и незаменливиот Стинг кој по турнејата со Полис се впушти во нова концертна авантура во која ги свири легендарните негови хитови и на Полис. Според неговите замисли, ова лето неговата турнеја има класичарски призвук поради големиот симфониски оркестар кој свири заедно со него и тоа летно искуство со Стинговите хитови не смее да се пропушти доколку се има прилика. |