Минимал-технозвукот е белег на журките
Нино Делиников, алијас Диџеј Флудер, е добро познатата фигура помеѓу клаберите и клаберките
Бојан Шашевски
Префинетиот избор на музика, техничката подготвеност и страста кон плочите го направија Нино Делиников, алијас Диџеј Флудер, добро позната фигура помеѓу клаберите и клаберките. Под закрила на „Полукс“, Флудер пушташе заедно со имиња како Карл Кокс, Умек, Марко Настиќ, Метју Хоаг, притоа секогаш, неуморно делејќи жар и енергија на електронските збиднувања. Па затоа, решивме да дознаеме нешто повеќе за неговите миленици – плочите, но и за „минималот“ и технозабавите, промотерските куќи, диџеј-натпреварите...
Последниве години во Македонија, но и пошироко, техноминимал звукот прерасна во еден вид тренд на електронските збиднувања. Дали клаберите се презаситија од различните стилски варијации или минималот претставува „совршена подлога“ за една целовечерна електронска журка?
Самиот стил минимал е присутен е на сцената повеќе од 15 години и нормално не е остана ист, туку, се смени и се надградуваше со текот на времето. Сепак, модерниот звук на минимал-техното, што го презентираат моменатално диџеите, присутен е помалку од пет години и има огромно влијание, како врз публиката, така и врз музичките продуценти. Слушателите на електронската музика, а воедно и клаберите, жедни се за каков било добар сет, без разлика дали тоа ќе биде еден стил на електронска музика или мешавина на повеќе стилови. Се зависи од тоа како ќе им биде презентирана музиката и како ќе се развива сетот. Од лично искуство, досега сум имал добри реакции ако музичкиот избор е составен од само еден стил, или, пак, во една вечер претставам 2-3 различни стила.
Што може да се сретне низ твоите диџеј сетови? Дали минималот е моментален белег на журките со Флудер?
Да се надоврзам со претходните прашања, моите диџеј-сетови од самиот почеток, па до денес, дефинитивно се имаат сменето. На пример, во периодот кога беше актуелно и застапено техното како музички стил, тоа беше белег на моите сетови. Сега за сега, минимал-техното е белег на журките каде што настапувам, но кога се работи за различни концептуални забави, музичкиот белег што го носам и оставам на публиката во тие вечери варира меѓу диско, фанк и хаус. Едноставно, сакам да опфатам поголем дел од електронската музика и да ја презентирам истата.
Како диџеј, под закрила си на„Полукс“. Од кога почна да дејствува, кој ја поттикна иницијативата и кои се се инволвирани во оваа промоторска диџејска куќа?
„Полукс“ официјално е создаден во 2006 година, инаку иницијативата беше од група диџеи и музички продуценти кои соработувавме меѓусебе од изминатите години, и ,едноставно, одлучивме дека треба на да се зближиме и формираме група која ќе ги претставува и промовира нашите журки, размислувања и идеи во врска со електронската музика на домашната и странска сцена. Инаку, во „Полукс“ моментално се инволвирани: Александар Видиновски, Дарко Спасовски-Пацки, Александар Танчевски, Марин Басотов, Мартин Мартиновски, Стојче Цветановски, Катерина Милеска, Александар Јовановски, Игор Котевски и нормално - јас.
Како дејствувате и соработувате меѓусебно со другите промотори на забави, на пример со „Баланс“ или ПМГ и други. Дали можеби прерасна во еден вид конкуренција или се работи за соодветно организирање настани, различен склоп на интереси, презентирање музика, идеи?
Нашата цел како група беше соработка со сите останати промоторски куќи без разлика дали тоа се од Скопје или од било кој друг град во Македонија, па и пошироко. Се трудиме сите работи што ги правиме да не се сфатат како некоја конкуренција или слично, зошто во електронската музика, според мене, станува збор за соработка меѓу луѓето и презентирање нови заеднички идеи кои ќе имаат добар и позитивен ефект врз публиката и музичката сцена. Добредојдени се сите промоторски куќи што се отворени за соработка.
Си размислувал ли да почнеш да продуцираш сопствена музика? Денеска има десетици компјутерски помагала за правење музика, нели барем малку те влече да пробуричкаш низ софтверот и да креираш нешто свое?
Голем дел од моите колеги веќе ми го поставуваат истото прашање и на еден начин ме тераат да почнам да го правам тоа, но сепак, морам да признаам дека се уште сум "заглавен" во селектирање и презентирање на електронската музика. Искрено, малку по малку ги учам компјутерските програми за креирање музика и се надевам кога ќе го добијам моментот на инспирација, ќе го искористам истиот и ќе ги изненадам сите со нешто мое. Сега за сега останувам на претходно кажаното, односно само сум диџеј.
Можеш ли да ми кажеш кој е Нино Делиников и со што се занимава кога не врти плочи зад диџеј-пултот? Всушност, кој се крие зад името Флудер?
Кога не вртам плочи како Флудер, Нино Делиниколов нон-стоп слуша музика. Инаку сум дипломиран информатичар што си ја наоѓа среќата во музиката, а би сакал во иднина посериозно да се посветам и на мојата струка, но, се во свое време. Не би знаел што повеќе да напоменам за себе, сите работи што ги кажувам ги претставувам преку музиката, освен, кога одговарам на интервјуа (ха, ха).
Што можеме да очекуваме од Флудер во иднина? Ќе продолжиш ли и понатаму да ги анимираш присутните низ клубовите?
Дефинитивно, се додека имам сила ќе го правам тоа, можеби и во наредните 50-60 години, бидејки диџејството и музиката целосно ме исполнуваат и сакам својот музички избор да го споделам со што е можно повеќе луѓе, дали во Македонија или надвор во странство. Се надевам дека ќе имам уште поголема подршка од луѓето кои ја сакаат електронската музика и се забавуваат на неа и ќе бидам присутен на што повеќе журки или слични збиднувања. Не би можел да кажам што можат да очекуваат од мене во иднина, бидејки така би ги расипал изненадувањата што следуваат.
|