03.05.2012, 17:53 Анализа
Факторот анархија во Сирија
Итамар Рабинович
Кофи Анан не прогласи неуспех, но ситуацијата во Сирија ја опиша како „мрачна“
Неуспехот на администрацијата на Обама и нејзините западни сојузници, како и неколку блискоисточни регионални сили, да преземат похрабра акција за да се запре колежот во Сирија, честопати се објаснува со нивниот страв од анархија. Со оглед на манифестацијата на неефикасност и разединетост на сириската опозиција, вообичаените аргументи, кога конечно ќе се случи падот на претседател Башар ел Асад, ќе предизвика граѓанска војна, масовни убиства и хаос, што најверојатно ќе се прелее преку границите на Сирија, дополнително дестабилизирајќи ги слабите соседи, како што се Ирак и Либан, и ќе доведе можеби до регионална криза.
Она што навистина се случува во Сирија го побива овој аргумент. Всушност, долготрајната криза го нагризува сириското општество и држава. Анархијата е сега: таа му претходи - и го забрзува - евентуалниот пад на режимот.
САД и другите земји ја заменуваат арогантната реторика и симболичната казнена акција за вистинска акција во Сирија. Санкции против оние кои се вклучени во електронската војна против социјалните медиуми на опозицијата не се одговор на бомбардирањето на цивилни области во Хомс и Дера.
Неколку месеци руските и кинеските опструкции во Советот за безбедност на ОН се реална пречка за поефикасни санкции и се погодна маска за неактивност. Неодамна, мисијата на поранешниот генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, во име на ОН и на Арапската лига, се најде во ситуација да играат иста улога.
Анан подготви план од шест точки за да се стави крај на насилството и да се почнат политички преговори. Тој испрати тим на набљудувачи во Сирија со цел да се ја надгледуваат имплементацијата на планот и ОН се на прагот да ја зајакнат таа мисија. Но, како што се очекуваше, планот на Анан не функционира, како што и самиот тој во извештајот на состанок зад затворени врати на Советот за безбедност одржан на 25 април за малку ќе го признаеше.
Анан не прогласи неуспех, но ситуацијата во Сирија ја опиша како „мрачна“. Јасно е дека мисијата на Анан му даде маневарски простор на режимот и создаде привремена илузија за политички и дипломатски напредок. Но, извештаите кои се премногубројни и предоверливи за да се отфрлат, режимот на Асад (и до одреден степен на неговите противници) не го почитува планот откако го потпиша: војниците се повлечени од урбаните области пред инспекциите и се вратени кога мониторите си заминале. Цели населби и поединци се брутално казнети за тоа што се пожалиле или пак соработувале со набљудувачите.
Но, маневарскиот простор оставен за режимот не нуди спас. На прв поглед, режимот изгледа речиси недопрен. Армијата и безбедносните сили останаа лојални, кабинетот претрпе неколку дезертирања и клучните градови Дамаск и Алепо не му се приклучија на бунтот.
Но, во земјата како целина, владата паѓа. Цели региони сега се надвор од контрола, јавните услуги не се достапни и економија е во слободен пад.
Падот на Асад се' уште не е на повидок, но стана неизбежен. Режимот го загуби целиот легитимитет и неговата ефективност се намалува. Кога конечно ќе падне, моќната држава изградена од таткото на Башар, Хафез ел Асад, малку е веројатно дека ќе постои.
Клишеа се слушаа за време на сириската криза: „Сирија не е Либија“. Но, друга аналогија може да биде посоодветна. Сирија би можела да стане втор Ирак, не по дизајн, туку како ненамерна последица на сегашната политика.
Американските окупатори на Ирак, преку нивната политика на „дебеатификација“, го оставија Ирак без армија или влада, што се покажа како плодна почва за сунитските бунтовници, Ал Каеда и екстремистичките шиитски групи. Во Сирија, земјата се подготвува за истиот резултат, заедно со се' поголем број на радикални исламисти кои преминуваат во Сирија и и' се приклучуваат на опозицијата.
Во овој контекст, важно е да се сфати разликата меѓу „политичката“ опозиција и локалните опозициски групи кои се борат против режимот. Групите, како што е Сирискиот национален совет, се лабави здруженија на поединци и групи, многу од нив надвор од Сирија.
Овие групи се критикувани од администрацијата на Обама и други за нивниот неуспех да презентираат обединет фронт, да формулираат солидна агенда или да се сметаат како остварлива алтернатива на актуелниот режим. Но, овие групи имаат ограничено влијание врз локалните опозициски групи внатре во Сирија, кои се еднакво разновидни и поделени.
Токму меѓу овие групи радикалните исламисти добија основа. Стравот од друго исламистичко преземање на власта е вториот главен аргумент против соборувањето на Асад, но колку што тој подолго останува на власт, толку се поголема успесите на исламистите на терен.
Администрацијата на Обама, фокусирана на претседателските избори во ноември, не е заинтересирана да се справува со сериозна криза во Сирија во наредните месеци и е преокупирана со ризикот да биде вовлечена во друг воен заплет. И другите актери, исто така, се чини дека ја претпочитаат очигледно ограничената тековна криза во однос на непознатите алтернативи.
Но, моралниот случај за хуманитарна интервенција се' повеќе е поддржан од цврсти дипломатски или политички причини. Освен тоа, воена или полувоена интервенција не е единствената опција на маса. Како што санкциите наметнати против Иран надвор од Советот за безбедност јасно покажуваат, може да се преземе ефикасна акција да се промени рамнотежата и да се стави крај на крвавата пат-позиција во Сирија. Моменталното преферирање на пасивност, иако можеби разбирливо, се заканува да доведе токму до резултатите што нејзините поддржувачи сакаат да ги избегнат.
(Авторот е поранешен израелски амбасадор во САД, 1993-1996, и во моментов предава на универзитетите во Тел Авив и Њујорк и во институцијата „Брукингс“; пишува за „Проект сидикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.)
Наш став
Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински весник“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.
|