Тетекс, конечно, на тренинг
Миодраг Мицковиќ
Заврши неочекувано долгиот одмор за фудбалерите на Тетекс, кои до вчера живееја во неизвесност дали ќе ги продолжат натпреварите во Првата лига или во новата сезона повторно ќе се вратат во Втората поради неплатената котизација од 12.000 евра за настап во прволигашкото друштво. Иако прво не добија лиценца за Прва лига поради пробивање на предвидениот рок за котизацијата, сепак, тетовци во последен момент најдоа спонзор во Чешка, кој ги плати парите.
Меѓутоа, се' уште постојат многу проблеми, бидејќи дури за денеска се закажани првите тренинзи пред почетокот на новата сезона, која стартува на 30 јули. Новиот тренер Влатко Колев ќе има на располагање само две недели за да ја усогласи речиси новата екипа, бидејќи голем број досегашни стандардни првотимци го напуштија клубот (Захариевски, Клечкаровски, Мишковски, Јакимовски, Симовски, Силјановски и Глигоровски), а од пред два дена клубот го напушти и досегашниот тренер Тони Јакимовски. Тој се договори со второлигашот Ринија од Гостивар.
Тетекс доби и нов директор, Горан Зечевиќ, поранешен кошаркар на МЗТ Скопје. На Колев ќе му п��мага Сашко Тодоровски, ексфудбалер на Вардар.
Иако голем број стандардни првотимци го напуштија клубот, во Тетекс не се вознемирени, бидејќи преодниот рок трае до 15 јули, па има време за нови играчи. Веќе е најавено дека за Тетекс ќе играат и Вандаир, Пеев, Стојановски, а се очекува и уште неколку познати играчи да го стават потписот на договорот за новиот клуб.
Дознаваме дека, во договор со спонзорот, Тетекс размислува да го адаптира старото игралиште што му припаѓаше на Љуботен. Постојат амбиции за висок пласман, а спонзорот од Чешка најавува и ангажирање фудбалери од оваа држава. |