Ракометарките 10., ракометарите 12. во Европа

Женската репрезентација на Македонија во ракомет на плажа го освои десеттото место, а машката заврши две позиции подолу на 7. Европско првенство што се одржа од 4 до 9 јули во хрватскиот град Умаг. Во конкуренција на 14 селекции, дамите забележаа четири победи и пет порази, а мажите на турнирот со 15 тима остварија само една победа (над Швајцарија) во десет меча.
Домаќинот Хрватска ги освои шампионските титули во обете конкуренции. Во финалето на машкиот турнир „коцкестите“ ја совладаа Русија со 2:0 (20:16, 19:18), а бронзениот медал го освои Шпанија со победата во малото финале над Украина од 2:1 (24:22, 16:22, 8:6). Хрватките во мечот за златото беа подобри од Данска со 2:1 (20:12, 20:22, 7:4), а бронзата ја собраа Италијанките со победата над Норвешка од 2:1 (20:27, 23:10, 7:6). (Р.Д.) |