Квартет пред целта во трката за селектор

Неофицијално, ќе се избира меѓу Јаневски, Аугенталер, Блажевиќ и Доган, а одлуката ќе падне до крајот на неделава
Сашко Ѓ. Димовски
Наследникот на Мирсад Јонуз на кормилото на македонската фудбалска репрезентација ќе биде познат до крајот на оваа недела. Во неа претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Харалампие Хаџи-Ристески, ќе разговара со двајца од тројцата преостанати кандидати за кормилото на националниот тим, Мирослав Ќиро Блажевиќ и Клаус Аугенталер. Со Хрватот, кој е предводник на олимписката репрезентација на Кина, треба да оствари телефонски разговор, со Германецот, пак, средба во четири очи во Скопје или во Минхен. Французинот Алан Жирес дознаваме дека отпаѓа од комбинација поради обврски кон селекцијата на Мали до завршувањето на актуелниот квалификациски циклус наесен.
Раководството на ФФМ во деновите што следуваат ќе мери, премерува, анализира, пресметува меѓу осуммина кандидати што влегуваат во потесен круг. Четворица од нив се домашните фудбалски имиња Чедомир Јаневски, Илчо Ѓоргиоски, Зоран Стратев и Артим Шаќири (претходно се откажаа Ѓоко Хаџиевски и Ѓоре Јовановски) и исто толку странци - Германецот Клаус Аугенталер, Хрватите Мирослав Блажевиќ и Бранко Иванковиќ и Турчинот Зија Доган. Во македонската куќа на фудбалот не сакаат да коментираат кој има најголеми шанси да ја добие довербата, но добро упатени извори прогнозираат дека изборот ќе падне меѓу четворица кандидати - Јаневски, Аугенталер, Блажевиќ и Доган. Сигурно е едно: кој и да дојде, ќе добие двегодишен договор, со можност за негово продолжување. Тоа значи дека новиот селектор на Македонија ќе го доработи актуелниот циклус квалификации за ЕП 2012 и ќе го одработи наредниот за СП 2014 во Бразил. Од резултатите што ќе ги забележи, ќе зависи и продолжувањето на соработката.
„Сите кандидати со кои е разговарано изразија сериозна заинтересираност за преземање на селекторската функција во македонската фудбалска репрезентација. Останува оваа недела да се остварат контакти уште со Блажевиќ и со Аугенталер за и тие да ги соопштат условите за извршување на функцијата селектор на Македонија“, изјави Хаџи-Ристески по седницата на УО на ФФМ одржана во петокот во Прилеп, во која членовите на Одборот зазедоа став дека условите за именување на селектор треба да бидат во рамките на финансиските можности на Федерацијата.
Омерагиќ на Дисциплинска
Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за поведување дисциплинска постапка против Масар Омерагиќ, делегат на Собранието на ФФМ од ОФС Струмица. Во образложението стои дека Омерагиќ ги прекршил членовите 7 и 12 од Статутот на ФФМ со оспорувањето одлуки на највисокото тело на Федерацијата надвор од нејзините инстанци и навредливо однесување кон претставници на ОФС и членови на УО.
Првиот Суперкуп на 24 јули во Скопје
Суперкуп натпреварот што за првпат од оваа година е вметнат во календарот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ќе се одржи на 24 јули на националната арена „Филип Втори“ во Скопје. Честа да се борат за премиерниот трофеј во македонскиот фудбал ја имаат Шкендија (освојувач на шампионската титула во првенството) и Металург (освојувач на титулата во националниот куп).
Управниот одбор на ФФМ, сепак, остави можност мечот да се игра во ден и термин што ќе биде дополнително утврден само доколку прволигашите од Тетово и од Железарница ги минат Партизан, односно, Локомотив Софија во квалификациите за Лигата на шампиони, односно Лига Европа. |