Хусховд не ја дава жолтата маичка
Норвежанецот Тор Хусховд се покажа многу подобар искачувач отколку што се мислеше, задржувајќи го водството во вкупниот поредок на Тур де Франс и по осмата етапа, а ако продолжи со вакво темпо, би можел да ја зачува жолтата маичка најмалку до Пиринеите. И покрај изгубениот контакт со своите тимски колеги од Гармин-Сервело на последното искачување во етапата долга 189 километри од Аигуранде до Супер-Бесе, Хусховд успеа да се врати на рамниот дел, доволно за да остане прв севкупно.
„Морав да го намалам јазот во финишот, бидејќи не можев да останам во групата при искачувањето“, изјави тој. „Но, направив точно толку колку што беше потребно за да останам лидер во генералниот пласман“.
Етапата ја освои Португалецот Руи Кошта, кому ова му е најголемиот успех во кусата велосипедска кариера, во која минатата година заедно со брат му Марио беа осомничени за допинг, но потоа „исчистени“ од Светската антидопинг-агенција.
Резултати од осмата етапа: Руи Кошта (Португалија/Мувистар) 4:36,46 ч., Филип Жилбер (Белгија/Омега) +12 секунди, Кадел Еванс (Австралија/БМЦ) +15 секунди итн.
Вкупен поредок: Тор Хусховд (Норвешка/Гармин) 33:06,28 ч., Еванс +1 секунда, Франк Шлек (Луксембург/Леопард) + 4 секунди итн. |