Иако образовани, младите без работа и фрустрирани
Над 80 илјади невработени се на возраст од 20 до 29 години, а оние што работат максимално се злоупотребени
Маја Томиќ
Македонскиот образовен систем е многу далеку од европскиот. Тој продуцира изгубени и фрустрирани млади луѓе, кои кога ќе го завршат своето образование, без разлика дали средно или високо, остануваат без стручен идентитет. И оние кои одлучиле да студираат и оние кои решиле по завршувањето средно училиште да не учат понатаму и да бараат вработување, немаат каде да најдат соодветна работа според образовната подготовка, коментираат експерти. Причината за тоа се големите пропусти, и во самиот образовен систем и во државата. Власта треба да воспостави коректен пазар на труд, со пишани законски норми и правила кои ќе ги спречат злоупотребите на работните места кај младата популација и ќе им овозможат правилно вклучување во општествените текови.
„Не може над 60 отсто од студентите да бидат дипломирани менаџери или правници. На која економија и' е потребно тоа? Тие тешко можат да конкурираат за работно место во државава, но и во европските земји. Каква смисла има работно место во компанија кое не создава приход, а тоа е смислата на пазарното стопанство“, вели професор Илија Ацески, социолог. Тој додава дека во вакво, главно, услужно стопанство кое функционира во земјава, а кое апсорбира голем дел од младата работна сила, се врши максимална експлоатација на трудот на младите.
Или работат на диво, или не им се плаќаат редовно плати, или им се исплатуваат минимални месечни износи, или по кусо време се бркаат од работа, за на нивно место да се вработат други млади лица...
„Станува збор за две категории млади, кои имаат средно образование и кои работат во кафулиња или кафеани, и такви кои го работат истото тоа, а имаат факултетски дипломи и познаваат еден или неколку странски јазици, но безуспешно чекаат со години соодветно вработување. Најлошото од се' е што овие млади лица немаат кому да му се обратат за помош или поддршка. Поточно, се исклучени од синдикалното организирање. Истовремено, инспекциските служби не можат да ги спречат во голема мера овие состојби“, вели Ацески.
Според последните податоци на Агенцијата за вработување за јули годинава, од вкупниот број невработени - 340.776 лица, 85.712 се на возраст од 20 до 29 години. Алармантно високиот процент на младата популација, која е без работа, е присутен повеќе години наназад.
Иако на листата на невработени во Агенцијата редовно има малку лица со високо образование кои чекаат на работа, во просек по 20-ина, реално нивниот број е многу поголем, велат експертите, бидејќи голем дел од нив не сакаат да се пријават како невработени. Станува збор за оние кои се ангажирани привремено во некои невладини институции, со договор за дело, има и такви кои сметаат дека брзо ќе го решат својот статус по завршувањето на студиите, а некои се убедени дека немаат шанси преку Агенцијата да најдат соодветно вработување.
Младите, не само во Македонија, туку и секаде во Европа, се најразочараниот дел од популацијата, а работодавците ја користат високата невработеност за да добијат работници кои ќе ги плаќаат малку, а ќе ги користат максимално. Рецесијата дополнително го зголеми бројот на невработените млади во Унијата. За само една година бројката од четири милиони се зголеми на пет милиони. Додека невработеноста кај лицата од 15 до 24 години во Унијата изнесува 14 отсто, во Македонија таа е 57,4 отсто.
Тоа, меѓу другото, беше дискутирано на неодамнешната панел-дискусија „Општествено вклучување и сиромаштија“, која беше дел од двегодишната кампања „Отворен дијалог за општествена вклученост на младите луѓе преку вработување и правата на работниците во Македонија“. Инаку, кампањата е заеднички проект на Балканската фондација за деца и млади, Економскиот факултет во Љубљана и Сојузот на синдикатите на Македонија.
Младите генерации, кои треба да си го најдат местото под сонцето, стануваат лесни жртви на работодавците и затоа кај нив постои депресија, летаргија и малодушност. Тие се дезориентирани, без перспективи и со несигурна иднина, посочија од ССМ. Синдикатите треба да се отворат кон младите заради нивна заштита, без разлика дали се тие вработени или невработени, било преку совети, обуки или помош за вработување. Шведските синдикати, на пример, имаат посебни разграноци за контакти со студентите, со специјалност - советување при наоѓањето работа. Во ЕУ има неколку проекти за вклучувањето на младите во општествените текови, а кампањата во Македонија е дел од активностите на Меѓународната фондација за млади, чија мрежа функционира во 60 земји во светот.
За потсетување, Владата во 2006 година во својата долгорочна политика за зголемување на вработеноста до 2010 година, во преден план ги стави младите, самохраните родители, долгорочно невработените и хендикепираните лица. Тие, како што беше посочено, ќе имаат посебен приоритет во програмите за вработување. Владата за тоа рече дека е подготвена да издвои од буџетот 500 милиони денари. Нејзините оптимистички очекувања тогаш беа дека во наредните три години, значи до крајот на 2009, невработеноста во државата ќе се намали за 10 проценти, од тогашната стапка од 36 проценти. А, според последните статистички податоци, стапката на невработеноста во првиот квартал од годинава изнесува 32,7 отсто. Што се случи, пак, со конкретните програми за вработување на младите, односно кои се тие и колку млади, каде го најдоа своето вработување, остана непознато за јавноста. |