ЕЛЕМ ќе го истражува Мариовскиот басен
АД ЕЛЕМ денеска почнува со истражувања на Мариовскиот басен, кои треба да покажат колкави се резервите на јаглен и каква е можноста за нивна експлоатација. Од компанијата соопштија дека ќе се вршат 88 дупнатини со вкупна должина од 10.020 метра, а работите ќе ги изведува Градежниот институт „Македонија“. Проектот вреди два милиона евра, кои ќе бидат обезбедени од сопствени средства на ЕЛЕМ. Потенцијалното наоѓалиште „Мариово“ е сместено во атарите на селата Манастир, Бешиште, Палчиште и Витолиште, 50 километри југоисточно од Прилеп, на надморска височина од 700 до 1.000 метри. На овој простор е сместено наоѓалиште со еден јагленов слој, со средна дебелина од седум метри и на длабочина од 7,7 до 279 метри. Површината на наоѓалиштето е околу 14 километри, а тоа располага со вкупни геолошки резерви од 111 милиони тони јаглен, со долна топлотна вредност од 7.536 килоџули на килограм. Наоѓалиште е предмет на истражување во текот на подолг временски период, а од 2008 година Секторот за развој и инвестиции на ЕЛЕМ ги продолжи активностите преку изработка на проект.
Теренските и лабораториските истражни работи ќе обезбедат податоци за изработка на главен рударски проект за експлоатација на јагленот. ЕЛЕМ почна процедура и за избор на главен проектант за отворање на рудникот. Во соопштението се наведува дека проценетите вкупни геолошки резерви на јагленот во Мариовскиот басен, можноста за нивна експлоатација, близината на РЕК „Битола“ и можноста за изградба на соодветен термокапацитет во непосредна близина на копот, ги оправдуваат заложбите за континуирано користење на подолг временски период. Од досега потврдените рудни резерви на јаглен се планира да се отвори рудник со јамска технологија и изградба на термоелектрана со инсталиран капацитет до 300 мегавати и производство до 2.000 гигаватчасови електрична енергија годишно во период од 30 години.
Планираните проекти треба да бидат реализирани во периодот од 2010 до 2013 година, а вкупната инвестиција, која вклучува и отворање на рудник, се планира да изнесува околу 460 милиони евра. Од нив 15 отсто се планира да обезбеди ЕЛЕМ. Со реализацијата на овој проект, покрај добивањето нови количества струја од домашно производство, ќе се отворат од 1.000 до 1.200 нови работни места, што ќе биде значаен фактор за економскиот и социјалниот развој во овој недоволно развиен регион. (МИА) |