Во август пак паднале буџетските приходи
Од наплатата од даноци државата минатиот месец едвај успеала да собере 90 милиони евра
Александрија Стевковска
Државата во август годинава регистрирала најмала наплата на вкупни приходи од околу 150 милиони евра. Тоа само го илустрира опаѓачкиот тренд на економијата, која е заглавена во рецесија, наспроти очекувањата на Владата дека по јулскиот раст и остварениот суфицит Буџетот ќе закрепнува наредните месеци. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека состојбата во државната каса е драстично влошена, односно во август се собрани најмалку пари во споредба со сите месеци годинава. Од наплатата од даноци државата во август едвај успеала да собере 90 милиони евра. За експертите слабата наплата на државните приходи е очекувана и тоа е логичен тек на намалувањето на економската активност, додека за Министерството за финансии, кое споредбата на собраните приходи ја прави за период август годинава со август лани, а тоа значи потфрлање од само четири отсто, што и не било толку лошо.
Експертите очекуваат и наредниве месеци да продолжи трендот на опаѓање на собирањето приходи. „Приходите во август се индикатор за две работи. Прво, во третиот квартал рецесијата продолжува, за која верувам дека е подлабока од онаа што статистиката ја прикажува, бидејќи не е можно приходите да паѓаат двоцифрено, а економскиот пад да изнесува 0,9 и 1,4 отсто. Второ, проектираниот дефицит од 2,8 отсто со ваков пад на приходите тешко дека ќе се одржи. Тоа не мора да претставува правило, бидејќи до крајот на годината остануваат уште неколку месеци, но, ако продолжи ваквиот тренд на собирање приходи, дефицитот сигурно ќе оди нагоре“, смета Никола Поповски, ексминистер за финансии. Според него, бидејќи Владата не ќе може да го задржи проектираниот буџетски дефицит, повторно ќе се задолжува и во земјава и надвор.
„Индикаторите за опаѓање на вкупната економска активност и на состојбата на буџетскиот дефицит, дополнително ќе ја влошат ситуацијата. Владата нема да може да ги избегне законските трошоци, кои се фиксни во Буџетот и кои влечат од 75 до 80 отсто. Доколку состојбите не се подобрат ќе следува и трет ребаланс на буџетот“, смета Поповски.
Според него, политиката што ја води Владата се проблематизира на сите полиња. „’Стандард и Пурс‘ не ни го поправи рејтингот, туку ББ од негативен го префрли на стабилен изглед. Колку за споредба, во 2006 година, кога Владата на СДСМ замина од власт, остави кредитен рејтинг ББ+ со позитивни изгледи, а сега сме ББ со стабилни изгледи, што е за четири скали подолу. Ние можеме да живееме на кредити, можеме со државни записи да финансираме многу работи, но тоа еден ден ќе дојде за наплата“, смета Поповски.
За него е важно потфрлањето во однос на проекциите, а тоа во август изнесува над милијарда денари.
За Министерството за финансии не е релевантна споредбата на приходите месец за месе��, туку месец со истиот период претходната година, а таа споредба покажува дека овој август во однос на ланскиот август, буџетот останал покус за само четири отсто, што покажувало дека економијата закрепнува.
„Овие бројки покажуваат дека она што го планиравме со ребалансот ќе се оствари и оти наплатата на приходите станува се' подобра. Очекуваме во последниот квартал да има најдобра наплата на приходи. Дефицитот во август е нешто повеќе од половина, што значи дека до крајот на годинава тој ќе се задржи во проектираните рамки“, вели Маја Богдановска-Стојаноска од Министерството за финансии.
Вчера се огласи и опозиционата СДСМ, која го критикуваше односот на власта кон економијата. „На почетокот од август Зоран Ставрески свика прес- конференција за да ја извести македонската јавност колку биле подобрени состојбите во државниот Буџет и дека во јули дури е остварен суфицит од 90 милиони денари. Сега ниту збор за лошите економски показатели. Претпоставуваме дека причина за молчењето на министерот Ставрески се катастрофалните движења во државниот Буџет во август. Во август државата потрошила повеќе отколку што наплатила за цели 915 милиони денари. Вкупните приходи што државата ги остварила во август се пониски од кој било друг месец во 2009 година“, изјави вчера Леонид Наков од СДСМ.
Според СДСМ, премиерот Груевски не е изненаден од рецесијата, бидејќи последен пат македонската економија влегла во рецесија во 2001 година, кога министер за финансии бил Груевски. |