Половина Македонци на Интернет, 80 отсто со мобилни
Вкупно 49 отсто од македонските граѓани користат Интернет, 80 отсто се служат со мобилен телефон, додека фиксната телефонија е присутна во 69 отсто од домовите во Македонија. Овие податоци, добиени преку анкета спроведена на почетокот на септември меѓу 1.100 граѓани, вчера ги објави Агенцијата за електронски комуникации.
Од вкупните корисници на Интернет, две третини одговориле дека го користат секој ден, а дури 81 отсто од корисниците Интернет користат од дома. Најчести корисници на Интернет во Македонија се младата популација и лицата со завршено високо образование.
Вкупно 81 отсто од корисниците на мобилната телефонија поседуваат само една СИМ-картичка, 14 отсто две, а пет отсто три картички. Задоволство од цените на услугите во мобилната телефонија изразиле 73 отсто од испитаниците, а наспроти нив, 27 отсто од испитаниците се незадоволни од цените.
Дури 78 отсто од корисниците не го смениле својот мобилен оператор, а оние кои го сториле тоа, како најчеста причина ја посочиле цената на услугите.
Околу 31 отсто од домаќинствата во Македонија немаат фиксна телефонија, а како најчест одговор за причината испитаниците навеле дека порано поседувале, но им била исклучена линијата поради неможност да ги платат сметките.
Голем дел престанале да користат фиксна телефонија, бидејќи ја користат мобилната. Од вкупната популација што поседува фиксна телефонија, 15 отсто го смениле операторот, а како најчеста причина е наведена разликата во цените. Зголемувањето на цената на услугите од десет отсто би била сосема доволна причина за дури 64 отсто од граѓаните да го сменат операторот.
Средната вредност на задоволство од цените за фиксната телефонија изнесува 2,4 (еден за незадоволен, четири за најзадоволен), додека средната вредност за задоволство на услугите изнесува 3,1. (Макфакс) |