Бензините поскапи за два денара, а дизелот за еден
Малопродажната цена на бензините од денеска се зголемува за два денара, додека дизелот поскапува за еден денар. Така одлучи Регулаторната комисија за енергетика на вчерашната седница, посветена на корекција на цените на нафтените деривати.
Новата цена на ЕУРОСУПЕР-95 изнесува 53,50 денари за литар, на ЕУРОСУПЕР-98 е 55,00 денари, а на МБ-96 - 56,50 денари за еден литар. Согласно со одлуката, литар ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е 4) од денеска ќе се продава за 42,50 денари, а екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе биде по цена од 31,50 денари.
Истовремено поскапува мазутот за речиси еден денар. Новата цена на мазутот М-2 изнесува 17,864 денари за килограм.
Најновото поскапување се образложува со зголемувањето на цената на сурова нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена, за 5,39 отсто.
Курсот на денарот, пак, во однос на доларот, во изминатите две недели изнесуваше 48,8 денари за долар и тој е за 0,30 отсто повисок од курсот на доларот според кој беа формирани претходните цени. (МИА)
|