Газдите се' повеќе доцнат со платите
Над 5.000 лица лани побарале правна помош од ССМ поради нередовна исплата на платите
Маја Томиќ
Компаниите се' повеќе доцнат со исплатата на платите на работниците. Тие лани до Синдикатот најмногу се жалеле поради неисплатените плати.
Сојузот на синдикатите на Македонија ги сумираше податоците за укажаната правна помош во текот на минатата година. До ССМ се обратиле вкупно 31.650 работници, а од нив 17.144 обраќања биле заради заштита на правата од работен однос. Најголем дел од обраќањата биле поради неисплатени плати, 5.161. Следуваат реакциите поради неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, 2.739 и за неплаќање на надомест за храна - 2.061, како и на пари за превоз, за што имало 1.660 обраќања на работници. Од вкупниот број барања за помош до ССМ, најголем дел биле од членови на Синдикатот на ГИФИХ, за графичка, информативна, филмска и издавачка дејност - 3.573. Ова е разбирливо ако се има предвид дека во овој синдикат членуваат вработените во Македонската радио-телевизија, каде што еден подолг период доцнеше исплатата на платите и на надоместоците. Следуваат обраќањата од СИЕР, Синдикатот на индустријата, енергетичарите и рударите, 2.127, каде што се членови работниците од металскиот сектор, кој доживеа најголем удар од глобалната криза и од каде што над илјада вработени во изминатите месеци останаа на принуден одмор или беа прогласени за технолошки вишок. Истото тоа се однесува и за Синдикатот на текстилната, кожарската и чевларската индустрија. И во оваа дејност, како што е познато, исто така, има застои во производството поради економската криза, а многу работници се на принуден одмор или не примаат плата. Од овој синдикат, 2.969 лица побарале разна правна помош.
За сметка на порастот на обраќањата, карактеристично за минатата година било опаѓањето по основа на постапките што се воделе за засновање работен однос. Додека во 2006 година имало 138 вакви постапки, во 2007 година биле 101, а лани се воделе 78 постапки.
Како што истакна на вчерашната прес-конференција Драге Јовановски од Правната служба на ССМ, над 80 обраќања лани биле позитивно решени, односно биле остварени 23.200 права од работен однос. Јовановски потсети дека минатата година ССМ реагираше на повеќе законски измени, организираше и протести и даде конкретни предлози до Владата и до Собранието, но, за жал, без резултат поради немање социјален дијалог меѓу партнерите. Поведени беа и постапки пред Уставниот суд, потсети Јовановски, за оценување на законитоста на шест одредби од Законот за работни односи.
„Минатата година Владата со разни законски измени скрати многу работни права, како што е скусувањето на годишниот одмор на 20 дена, отказот од деловни причини, договор за вработување на определено време на пет наместо како дотогаш на четири години, потоа се избришаа хранарината и превозот и друго. Веруваме дека овие права повторно ќе бидат вратени во законите кога земјава ќе ги започне преговорите за влез во ЕУ, бидејќи тие постојат во законските директиви на ЕУ“, рече Јовановски. |