Топалов поведе против Камски
Веселин Топалов (рејтинг 2796) ја доби втората партија и поведе со 1,5-0,5 против Гата Камски (2725) во мечот на кандидати за светски првак во шах што од 17 до 27 февруари се одржува во Софија. Уште од самиот почеток на ретко играната варијанта на Шпанска одбрана беше јасно дека обајцата бараат блиска борба. Американецот жртвуваше пешак со надеж дека ќе стекне иницијатива, но Бугаринот ладнокрвно се бранеше и стекна предност. Тој пропушти брза победа со 18... К:ф4, но предноста беше доволно сериозна за да стигне до цел поен по 32 одиграни потези.
„Доста комплицирана партија. Можеби не требаше да одиграм ф4. Воопшто не видов 21... Тц7 и видовте што се случи“, изјави Камски на кусата прес-конференција по партијата.
„Направив некои грешки за време на партијата, но задоволен сум што победив. Разбрав дека во 17. потег испуштив можност за побрза победа, но, едноставно, не ја видов варијантата, што е нормално“, беше коментарот на Топалов.
До крајот на мечот со награден фонд од 250.000 американски долари, од кои двајцата ќе добијат по половина, остануваат уште шест партии, а вчера беше слободен ден.
Камски - Топалов
1. е4 е5 2. Сф3 Сц6 3. Лб5 Сф6 4. О-О Лц5 5. С:е5 С:е4 6. Де2 С:е5 7. д4 Де7 8. д:ц5 С:ц5 9. Сц3 Сг6 10. Дх5 ц6 11. Лг5 ф6 12. Тае1 Се6 13. Лд3 О-О 14. Лд2 д5 15. ф4 Дц5+ 16. Кх1 д4 17. Лф5 Тф7 18. Се4 Дд5 19. Л:г6 х:г6 20. Д:д5 ц:д5 21. Сд6 Тц7 22. ц4 д:ц3 23. Л:ц3 д4 24. Лб4 Лд7 25. Тф2 а5 26. Ла3 б5 27. б3 б4 28. Лб2 Та6 29. Се4 Тац6 30. Кг1 Тц2 31. г3 д3 32. Тд1 ф5 0-1 |