Светски рекорд на Дефар на 5.000 м во сала
Месерет Дефар од Етиопија го подобри досегашниот рекорд на сонародничката Дибаба за над три секунди
Месерет Дефар од Етиопија го собори женскиот светски рекорд на 5.000 м во сала кога во средата истрча 14:24,37 мин. на атлетскиот митинг во Стокхолм. Дефар, кој е непоразена во сала веќе шест години, го подобри за повеќе од три секунди досегашниот рекорд на сонародничката Тирунеш Дибаба од 14:27,42 мин. поставен во Бостон пред две години. Последниот круг таа го истрча за 30,3 секунди што го обележаа нејзиното триумфално враќање во главниот град на Шведска, каде што во претходниот настап за малку не успеа да го урне и светскиот рекорд на Дибаба на 5.000 м на отворено. Ова е нејзина прва трка во оваа дисциплина во сала по 2004 година, кога ја освои олимписката титула.
Олимпискиот шампион во скок со стап Стив Хукер од Австралија, пак, на истиот митинг ги заврши своите настапи во сала сезонава со петта победа во исто толку натпреварувања. Хукер прескокна 5,86 м пред три пати да биде неуспешен на шест метри.
Почина шампионката од ОИ 2000, Сколимовска
Поранешната олимписка шампионка Камила Сколимовска од Полска почина во болница во Португалија откако колабираше на тренинг, соопшти Европската атлетска асоцијација. Сколимовска (26) се пожалила дека се чувствува лошо за време на тренингот во средата и потоа паднала во бесознание во спортската сала во јужниот регион Алгарве.
„Веднаш е префрлена в болница, но напорите да биде реанимирана не дале резултат“, се вели во соопштението на ЕАА. „Лекарите се сомневаат дека срецев удар е причината за несреќниот случај“.
Сколимовска освои златен медал во фрлање кладиво на Олимписките игри 2000 во Сиднеј, кога имаше само 17 години. Оваа дисциплина тогаш првпат беше воведена на олимпијадите.
Нејзиниот татко Роберт Сколимовски е некогашен познат кревач на товар.
Македонија со деветмина на Балканијадата во атина
Девет Македонци ќе учествуваат на 16. Балканијада во атлетика во сала што на 21 февруари ќе се одржи во Атина, Грција. Во престолнината на нашиот јужен сосед ќе не' претставуваат Енис Даутовски и Бојан Милчевски на 800 метри, Кристијан Ефремов на 400 метри, Георги Трендафилов на 3.000 метри, Славчо Мирчевски во скок во далечина, Јованче Јанковски во скок во височина, олимпијката Ивана Рожман ќе трча на 60 метри, Александра Спасеска на 60 метри и скок во далечина и Христина Рисетска ќе се натпреварува во трките на 400 метри.
Нив во Атина ќе ги придружува селекторот Влатко Димитров, тренерите Георги Вучков и Божурка Ѓошевска и Дејан Ангеловски, кој ќе учествува и на денешниот Балкански Конгрес.
Балканијадата е „филтер“ и за тоа кој ќе ја претставува Македонија на претстојното Европско првенство во сала што ќе се одржи од 6 до 8 март во италијанскиот град Торино. |