Чендлер разменет, па вратен во Њу Орлеанс
Центарот Тајсон Чендлер ќе се врати во Њу Орлеанс само еден ден откако тимот го размени, објави клубот. Чендлер во вторникот замина во Оклахома, но трампата пропадна откако тој не го помина медицинскиот тест на „громовите“.
„Му посакуваме добредојде назад на Тајсон со отворени раце“, изјави генералниот менаџер на „стршлените“, Џеф Боуер. Џо Смит и Крис Вилкокс беа дел од размената, но ќе се вратат во оклахома.
Чендлер сезонава има просек од 8,8 поени и 8,3 скока по натпревар. Тој ги пропушти последните 12 меча пред ол-стар викендот поради извртен глужд.
Чикаго, пак, потпиша со центарот Бред Милер и со крилото Џон Салмонс во трампата на повеќе кошаркари со Сакраменто. За возврат „кралевите“ ги добија Андрес Носиони, Дру Гуден, Седрик Сајмонс и Мајкл Рафин. Последниот веднаш беше препратен во Портланд за крилото Ајк Диогу.
Ветеранот со десет сезони поминати во НБА, Милер, има просек од 11,9 поени осум скока, а Салмонс сезонава постигнува 18,3 поени по меч, најмногу во кариерата.
Гуден ќе игра за трет тим за помалку од една година, а неговиот просечен ефект е 13,1 поен и 8,6 скока по натпревар. Аргентинското крило Носиони, пак, просечно постигнуваше по десет поени за „биковите“ од Чикаго.
Резултати: Шарлот - Индијана 103:94, Кливленд - Торонто 93:76, Денвер - Филаделфија 101:89, Минесота - Мајами 111:104, Чикаго - Милвоки 113:104, Њу Орлеанс - Орландо 117:85, Далас - Њу Џерси 113:98, Портланд - Мемфис 94:90, Атланта - Сакраменто 105:100, Лос Анџелес лејкерс - Голден стејт 129:121 и Феникс - Лос Анџелес клиперс 142:119. |