Македонија во израмнета група

Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс наши противници во квалификациите за СП во Бразил
Сашко Ѓ. Димовски
Две островски селекции, две балкански и една од Бенелукс ќе и' бидат противници на фудбалската репрезентација на Македонија во квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година. Раката на Роналдо го смести нашиот национален тим во групата А заедно со селекциите на Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска и Велс. Циклусот почнува во октомври во 2012 година и ќе заврши во ноември во 2013 година. Мундијалот во земјата на петкратниот планетарен шампион ќе се игра од 12 јуни до 13 јули во 2014 година. На патот дотаму ќе се одиграат вкупно 824 натпревари во сите квалификациски зони пред да биде познат идентитетот на 31 репрезентација што ќе му се придружи на Бразил на завршниот турнир.
Македонија не доби финансиски исплатлива група на спектакуларната ждрепка во саботата во Бразил, свеченост што го чинеше домаќинот повеќе од 30 милиони американски долари. Настанот што грижливо се подготвуваше повеќе од една година, а само поставувањето на сцената траеше два месеца, се одржа во посебно изграден аудиториум во Марина да Глорија, во близина на „Шеќерна глава“ бидејќи во Рио де Жанеиро немаше здание што ќе ги нагости над 1.000 фудбалски претставници од сите светски континенти. Но, затоа Македонија доби група со рамноправни противници, група во која секој секого може да победи, селекции кои многумина ги оценуваат како непредвидливи, селекции кои можат да киксираат против секого и да земат сечиј скалп. Со ваквата констатација е согласен и Игор Климпер, генерален секретар на ФФМ, кој заедно со претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески и потпретседателот Кенан Идризи присуствуваа на ждрепката.
„Добивме група во која може да се надигруваме. Со Хрватска и Србија секогаш е предизвик да се игра, Шкотска е селекција што можеме да ја изненадиме. Истото важи и за Белгија како и за Велс. Начелно сме задоволни од ждрепката“, се првите импресии на Климпер по ждрепката.
Се познава со сите освен со Велс чиј национален состав за првпат ќе гостува во Скопје. Со Белгијците игравме во премиерните квалификации за ЕП 1996, со Хрватите двапати досега бевме во иста конкуренција, со Шкотланѓаните игравме во циклусот за СП 2010. Со северниот сосед немаме квалификациска пресметка иако игравме со поранешна СР Југославија во чиј состав беа Србите.
ПетровиЌ: Силна група со израмнети селекции
Владимир Петровиќ-Пижон, селектор на Србија, не е посебно задоволен по ждрепката на групите за СП 2014. Најмногу коментари, разбирливо, предизвика соочувањата соседите.
„Групата е силна, селекциите се израмнети. Мечевите се Хрватска ќе бидат вистински дерби. Не сакам да го потценам македонскиот квалитет. Белгија оди напред, Шкотска долго ја нема и затоа ќе сака да се наметне додека Велс, секако, вреди повеќе од најслабата група репрезентации“, коментира Петровиќ.
Спид: СекоЈ може секого да го победи
Од најслабата група тимови во нашата заврши Велс. Тоа е репрезентација која, според мислењето на многумина, заслужува подобра стартна позиција.
„Добивме една од оние групи во која секој може да победи секого“, беше коментарот на велшкиот селектор, Гери Спид.
„Групата е тешка, но можевме да минеме и полошо“, дополни тој.
Ликенс: Ќе биде тешко, но верувам во успех
Белгискиот селектор, Жорж Ликенс, има на располагање прилично млад и талентиран состав кој нема да биде лесен плен во квалификациите за СП 2014.
„Добивме израмнета група. Без сомнение ќе биде тешко да се пласираме во Бразил, но Белгија верува во своите шанси за успех“, порача Ликенс.
ЛевеЈн: не знам многу За Хрватска и за СрбиЈа
Селекторот на Шкотска, Грег Левејн, верува во напредок на неговата репрезентација во групата со Хрватска, Србија, Белгија, Македонија и Велс. Сакаше да ги избегне Велшаните поради посебниот ривалитет со нив на Островот, за останатите вели:
„Не знам многу за Хрватска. Во втората по квалитет група знаев доста за сите освен за Србија. За Белгија знам дека бележи прогрес, со Македонија имавме искуство во минатите квалификации. Стануваме се подобри. Тоа е најважно. Кога ќе ја погледнам возраста на играчите, гледам дека ќе останеме заедно уште четири до шест години што ме охрабрува“.
БилиЌ: НаЈдобри сме, не треба да стравуваме
„Кој што го следи фудбалот е свесен дека никако не може лесно. Ние сме носители и најдобра репрезентација. Не само според рејтингот туку и по квалитетот на играчите. Групата можеме да ја минеме. Не треба да стравуваме од никого“, беше првиот коментар на хрватскиот селектор, Славен Билиќ, по ждрепката во Рио де Жанеиро.
„Фаворити сме, но тоа ништо не значи на хартија. Не постои поголем оптимист од мене бидејќи секого можеме да победиме, но и тие нас“, порачува Билиќ.
Сепак, тој смета дека најтешко ќе биде со Србија и Македонија и поради работите кои немаат врска со фудбалот.
„Тие натпревари се' уште не се нормални. Во нив има и други конотации“, додаде тој.
Квалификации за СП 2014
Група А: Хрватска, Србија, Белгија, Шкотска, МАКЕДОНИЈА, Велс
Група Б: Италија, Данска, Чешка, Бугарија, Ерменија, Малта
Група Ц: Германија, Шведска, Република Ирска, Австрија, Фарски Острови, Казахстан
Група Д: Холандија, Турција, Унгарија, Романија, Естонија, Андора
Група Е: Норвешка, Словенија, Швајцарија, Албанија, Кипар, Исланд
Група Ф: Португалија, Русија, Израел, Северна Ирска, Азербејџан, Луксембург
Група Г: Грција, Словачка, БиХ, Литванија, Летонија, Лихтенштајн
Група Х: Англија, Црна Гора, Украина, Полска, Молдавија, Сан Марино
Група И: Шпанија, Франција, Белорусија, Грузија, Финска
|