Лесна стартна победа за Металург

Освојувачот на Купот го совлада Тетекс со 2:0 во првото коло на јубилејниот 20. фудбалски шампионат на Македонија
Сашко Ѓ. Димовски
Металург со победа влезе во јубилејниот, 20. по ред, фудбалски шампионат на Македонија. Актуелниот освојувач на националниот куп го совлада Тетекс со 2:0. Стрелци на головите беа Стевановиќ во 38 минута по асистенција од Тенекеџиев и Баже Илијоски во 57 минута.
Металург беше подобар тим во текот на целиот меч против ривалот кој допатува на Железарница со едвај неколку тренинзи, без подготовки и во неизвесност дали воопшто ќе биде дел од прволигашкото друштво во сезоната 2011/12. И очекувано ги освои трите бода. Победа си е победа, на крајот на краиштата се памети само резултатот, играта може да се заборави. Но, она што се провлекува во составот на Тасевски е реализацијата, поточно, неефикасноста на напаѓачите и офанзивните фудбалери од средниот ред. Не ја искористија солидната физичка подготвеност и подвижност што беа лесно воочливи против тетовци со повеќе од два гола во мрежата на Немања Павловиќ. Доволни се и тие меѓутоа може да не бидат во ситуација во која на спротивната страна ќе имаат противник со европски амбиции како Шкендија, Работнички, Ренова, па и новиот Вардар, а не противник чија единствена цел е опстанокот во лигата. Тоа, без дилема, може скапо да ги чини. Момент како не треба да реагира напаѓач се слу��и во 89 минута, а како може да се промаши отворена и небранета цел со димензии 7,32 метри во широчина и 2,44 метри во височина од 4-5 метри знае само резервистот Музафер Ејупи.
Тетовци, пак, можат да бидат задоволни што не понесоа и поголема негатива под Шара. Беа инфериорни, се држеа на средината на тревникот колку што можеа, да не говориме за нападот. Повеќе мислеа на својот отколку на противничкиот гол иако можат да жалат што не добија можност да го ублажат поразот. Во тоа ги спречи судијата Љубомир Крстевски кој не досуди пенал во второто полувреме во единственото нивно посериозно „гостување“ на противничката половина кога веќе реши да го санкционира стартот врз Урошевиќ. Па, наместо на белата точка битолчанецот го извлече прекршокот надвор од казнениот простор иако беше направен во него.
Металург - Тетекс 2:0
Полувреме: 1:0. Стадион на Железарница. Гледачи: 250. Главен судија: Љубомир Крстевски. Помошници: Панде Атанасов и Злате Лозаноски (сите тројца од Битола). Жолти картони: Стевановиќ (Металург). Стрелци: Стевановиќ во 38 минута, Илијоски во 57 минута за Металург.
Металург: И. Павловиќ, Петковски, Драговиќ, Кралевски, Мемеди (Начевски 46 мин.), Митрев, Стевановиќ (Костенцовски 78 мин.), Тенекиџиев (Ејупи 68 мин.), Љамчевски, М. Крстев, Илијоски. Тренер: Жикица Тасевски.
Тетекс: Н. Павловиќ, Д. Наумовски, Бејтулаи, Ѓорѓевски, Савески, Николовски, Тошески, Столески (Алили 89 мин.), Брњачески (Трајчевски 63 мин.), Урошевиќ (Г. Наумовски 73 мин.), Радониќ. Тренер: Драги Сетинов.
ШкендиЈа поразена во Турново,
Вардар победи во Прилеп
Шкендија ја започна одбраната на шампионската титула со пораз. Тетовци загубија на гостувањето во Турново од Хоризонт со 2:1. Милушев од пенал во 19 минута и Георгиев во 80 минута погодија за домашниот тим, Емини во 90 минута само го ублажи поразот. Шкендија од 18 минута играше со фудбалер помалку на теренот по исклучувањето на Мишковски.
Триумф на стартот на сезоната забележа и Вардар. Црвено-црните славеа во Прилеп над новиот прволигаш 11 Октомври со 1:0 со голот на Филип Ивановски во 65 минута. |